Петар Печков
Објавено: понеделник, 04 мај 2026
Започна постапката за изградба на паркинг простор на локација во близина на зградата на Општината, на покривот од гаражите, на ул. Методија Андонов Ченто. Предвидено е таму да има место за 49 возила. Информацијата се разгледуваше на последната седница на Советот.
„Во тек е постапката на собирање на потписи од сопствениците од гаражите, блиску сме до потребната бројка до 50 отсто плус еден. Секој индивидуално со службите од општината оди на нотар за даде писмена согласност. Треба да се направи проектна документација па да се обезбедат средства и да се започне со реализација. Ќе се изврши реконструкција на постојните гаражи па ќе се постави изолација на кровот, нов слој на асфалт. Сопствениците би добиле осветлување и нема да имаат протекување а просторот ќе биде платен паркинг. На ист начин би граделе паркинг и кај гаражите на ул. 11 октомври, кај поранешно СИМПО. Таму е во зачеток, имаме неколку потписи собрано. Ќе треба информација и од Институтот за земјотресно инженерство ИЗИС “ – кажа градоначалникот Марко Колев.
Овој паркинг би требало да биде завршен до крајот на годинава. Деталниот урбанистички план донесен во 2016 година е предвидено изградба на паркинг простор. Поводот за да се гради близу зградата на Општина е зголемениот број на автомобили кои секојдневно се паркирани во околината на јавните површини и по блиските улици.
