Започна санацијата на иконите од црквата Св. Петар и Павле во Папрадиште

Петар Печков

Започна санацијата на иконите од црквата Св. Петар и Павле од селото Папрадиште. Тие со години стоеја на таванот, далеку од очите на посетителите. Сокриени од јавноста тие губеа од нивниот квалитет, се уништуваа.   Деновиве Народниот музеј од Велес започна со нивно  згрижување и реставрирање кое ќе се врши во Националниот конзерваторски  центар во Скопје. За почеток земени се девет икони, највредни од сите  кои собираа прашина на таванот.

Состојбата на иконите кои не се во иконостасот  е во лоша состојба. Тие се во галеријата, во т.н. женска црква,  и решивме дел да се однесат на конзервација во  Националниот конзерваторски  центар во Скопје.  Ќе ги зачуваме тие што се во најлоша состојба, како што се Благовештение, Исус Христoс, Св. Петар и Павле, Св. Јован крстител и Богородица со Исус – вели  Елица Николова виш кустос  во Народниот музеј во Велес .

Деветте икони  ќе бидат реставрирани, според можностите и добиените пари.  Оваа работа ќе заврши  до крајот на годината, по што иконите  ќе се вратат во црквата во Папрадиште дело на Андреја Дамјанов и ќе бидат закачени на видливо место, а не да бидат  скриени од јавноста. Тие се од почеток на 19 век, дело на Димитар Андонов Папрадишки а има и дел од непознат автор, но сите  се вредни. Реставрацијата се врши со средства добиени  од Министерството  за култура. Но не само овие икони беа во опасност да се уништат. Слична судбина имаат и иконите од иконoстасот кој   е нагризен од црвоточина.

Доколку добиеме пари преку друг проект и тоа ќе го решиме. Дали ќе се врши на лице место или ќе се земат и однесат во Конзерваторскиот центар во Скопје, тоа ќе го решиме  кога ќе стигнат парите.  Црвоточината ќе ја решаваме  преку  хемиски процес со кој се санира дрвото   и уништуваат црвите.  Тоа се икони од Зографски кои  се во лоша состојба, нападнати од инсекти со голема веројатност да се уништат, затоа итно е потребно санирање – вели Николова.

Од Народниот музеј, заедно со Повардарската Епархија има иницијатива, стара неколку години, за создавање на галерија за икони во Велес.  Таму би се  сместиле  по конзервацијата иконите од црквата Св. Петар и Павле, но и многу други.

Бидејќи иконите треба да бидат достапни за јавноста,  сметаме дека најдобро тоа да биде  во близина на новата црква Св. Кирил и Методиј кој е во изградба, во центарот на Велес. Таму е потребно  да се изгради галерија,  каде  ќе бидат сместени конзервирани икони  и икони од напуштени села и руинирани цркви, како што се тие во Крива Круша, во Ново село.    Сите тие се нацртани од врвните мајстори Папрадишки и Зографски – велат од Народниот музеј од Велес.

Стручњаците од  Националниот конзерваторски  центар во Скопје имаат  друг, свој проект со кој ги посетуваат црквите од околината на Велес,  од регионот на Азот,  во регистрирање на икони  кои имаат сериозни оштетувања па им треба  најитна конзервација да ги обноват. Посетени досега биле  црквите во  селата Војница, Крајници, Баница, Бусилци, каде откриле вредни икони кои заслужуваат внимание и третман. Во манастирот во Согле  пронајдени се  икони и од 17-ти и 18-век кои се видно оштетени.  Сите тие би се реставрирале а потоа би се поставиле во галеријата за икони во Велес.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати