Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 мај 2025
Од почетокот на месецов започна со работа регионалниот стационар „Шепа“ кој е наменет за хуман третман на бездомните миленици, лоциран во селото Глишиќ, Кавадарци. Тој функционира по системот залови, третирај и пушти. Може да згрижи 67 бездомни животни. Со овој стационар, преку воспоставен систем за контрола на популацијата на бездомни кучиња согласно на законските прописи, ќе се обезбеди нивен хуман третман, што ќе има директно влијание и врз здравјето и безбедноста на луѓето.
„Стационарот има и ветеринарната клиника за прием, преглед, кастрација, чипирање, лекување и понатамошно социјализирање на домашните миленици или бездомните животни. Проектот е многу важен оти опфаќа девет општини“ кажа Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци, на отворањето на стационарот.
„Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство” е на површина од 5.470 м2, и наменет е за бездомните животни од деветте општини од Вардарскиот плански регион, Велес, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Лозово, Неготино, Росоман, Свети Николе и Чашка. Секоја општина обезбедува дополнителни средства за оперативни трошоци за тековни работење на центарот.
„Со градење на вакви центри, граѓаните да не очекуваат дека од утре нема да има кучиња на улиците, туку дека тие кучиња ќе бидат кастрирани, прегледани, вакцинирани и чипирани. Неговата цел е неконтролираното разможување да биде во контрола. Така во текот на наредните години, ќе немаме кучиња или мачиња бездомници“- рече Јанчев.
Вкупниот буџет на проектот е 21 милион денари, средствата за изградба на стационарот во вредност од 11,5 милиони денари ги обезбеди Министерството за локална самоуправа а 9,5 милиони денари се финансиска поддршка од Швајцарска амбасада. Неговата реализација започна пред две години, во април 2023 година.