Петар Печков
Објавено: среда, 07 мај 2025
Најголем проблем по улиците во Велес, во сообраќајот, се непрописно паркираните возила. Тоа го покажуваат и бројките на пишани казни лани, од сообраќајната полиција. Возилата ги има по тротоарите, јавните површини.
Сообраќајната полиција минатата година од 8.200 прекршочни налози, кои биле пишани поради сообраќајни прекршоци во велешко, 1.272 биле за грешно паркирање.
„Дополнително како проблем, освен сообраќајната култура се јавува што во градот немаме т.н. пајак служба. Таа би ни помогнала за отстранување на овие возила. Организираме поуки кај граѓаните, денес ги едуцираме за непрописно паркирање, утре тие ги повторуваат грешките“ кажа Ненад Дејаноски в.д. командир на ПС Велес.
Граѓаните се лути, затоа што наместо по тротоарите се движат по улица и се чувствуваат небезбедно. Но недостигот на пајак службата во Велес, ја ограничува работата на надлежните служби. Секако и недостиг на сообраќајна култура и кај дел од возачите и кај пешаците. Пример за сообраќајната некултура е што велешани кои рекреираат во Градскиот парк, доаѓаат со автомобили, кои ги паркираат во тревните површини.
„Во Законот за урбано зеленило забрането е паркирање, оставање на моторните возила по зелените површини. Има граѓани кои во Градскиот парк спортуваат, рекреираат или уживаат во неговото зеленило, тие возилата аги остават по зеленилото. Апелирам возилата да ги оставаат на паркинзите“ – вели Ирена Левкова, комунален инспектор.
Граѓаните сметаат дека потребни се казни, но и обезбедување на паркинг, кој би требало да биде платен. Како излез од ваквата состојба, локалнта власт започна зо изградба на подземна катна гаража на три нивоа, во центарот на Велес, која треба да заврши догодина, во овој период. Капацитетот е сто возила.