За биогасната централа кај Градско, парична казна од над 110 илјади евра

Петар Печков

Биогасната централа во Градско, поради чија екохаварија во неделата има голем помор на риба на реката Вардар, се судрува со парична казна од над сто илјади евра, која ќе ѝ биде врачена деновиве и е според Законот за животна средина, најави директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски.

„Хаваријата која се случи на биогасната централа во Градско кога имаше истекување на течно ѓубриво, отпад кој согласно елеборатот за животна средина се собирал во резервоар. При увидот на 27 јули е констатирано дека овој течен отпад кој што се користи како ѓубриво во земјоделски активности е транспортиран на соседна парцела без дозвола, направена е лагуна и истата е пробиена. Односно, течното ѓубриво е истечено во соседните парцели и во реката Вардар. Согласно Законот за животна средина, за овој прекршок од трета категорија е предвидена санкција од 110 до 120 илјади евра за правното лице кое е среден трговец и 6.000 евра за одговорното лице“, кажа Стојковски, чиј инспекторат во првата половина од годината изготвил 166 решенија за неправилности во однос на загадување на животната средина, за што биле иницирани санкции во висина од вкупно 300.000 евра.

Стојковски рече дека инспектор го изготвува записникот и се очекува заедно со решението да бидат доставени до правното лице кое го стори прекршокот. Сторителот може да го прифати решението и да се оди на спогодување во однос на висината на паричната казна или ако не се чувстува за виновен да се оди на суд, во случајот тоа е Основен суд Велес.

Рибарите од населбата Градско зборуваaт за помор каков што досега не виделе во овој регион.


„Не може да се каже колку риба е угинато, но секако е големо количество. Скобал, утман, мрена, бојник, попадика, клен, или позната како бела риба, пливаше по површината на водата, и тоа низводно од Градско, неколку километри, додека сом и крап, како потешка иако е угината беше при дното и затоа ја нема на површината“, велат искусните риболовци од Велешко.

Поморот на рибата го пријавија од Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Откако Србија и Хрватска го вратија задолжителниот воен рок, во Грција и Турција е исто така задолжителен , дали во Македонија треба да има задолжително служење војска?

  • да
  • не
Резултати