Иако водата од природните чешми во Велес и велешко е најчесто неисправна за пиење, граѓаните ја користат особено во летните месеци

Петар Печков

Природните чешми во Велес се епидемиолошки несигурни, со непостојан квалитет, со висок процент на бактериолошка и физичко- хемиска неисправност, а се уште се користат од населението, особено во летните месеци од годината. На секоја од овие чешми веќе има поставено предупредување дека водата не е безбедна за употреба.

Бактериолошки неисправни се и селските чешми и бунари, како и селските водоводи, каде водата не се хлорира. Ваква е состојбата со водата за пиење во Општина Велес, надвор од градскиот водовод, чија вода е безбедна и квалитетна, според испитувањата од минатата година.

„Кај  природните чешми, се повторува бројот на неисправни бактериолошки води. Во селата се испитуваат селските водоводи, тие што се приклучени на градскиот водовод со кој стопанисува ЈКП Дервен, тие се со квалитетна вода. Тие што се оставени сами на себе, каде нема хлорирање бактериолошки се небезбедни. Иста е состојбата со селските  бунари и чешми, кои се со неквалитена вода за пиење. Во овие  неисправни мостри, пронајдени се    ешерихија коли, колиформни бактерии што се индикатори на фекално загадување.  Тоа се патогени бактерии или тој што се навикнал да ја пие водата, можеби и нема никакви симптоми, но некој што прв пат ќе се напие, може да се јават цревни симптоми, проливи. Преку таква вода има можност да се пренесат и други загадувачки материи- вируси, заразен хепатит, дизентерија.Сите вакви неисправни чешми во градот се обележани, со табла каде пишува дека водата не е за пиење. На тој начин граѓаните се информирани, а ако пијат тоа е на нивна одговорност“ – кажа д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје Велес, по извештајот за квалитетот на водите за пиење во велешко за 2023 година, презентиран пред членовите на Советот.    

Таа потенцираше дека водата од градскиот водовод е безбедна исто и  водата кај фирмите кои се приклучени на градскиот водовод,  а ја испитуваат  и водата кај фирми кои имаат сопствени водоснабдителни системи и таа вода била  безбедна. Фирми со сопствен водовод  во Велес има 23 и  сите контроли бил  исправни, како и кај  33 фирми приклучени на градскиот водовод.   

„Состојбата со селските водоводи и природни јавни чешми и бунари е дека тие се  бактериолошки загадени, што е  резултат на санитарно-техничката необезбеденост на водоводните објекти, на невоспоставената дезинфекција и отсуство на стручно стопанисување. Овие води претставуваат многу голем потенцијален ризик од појава на хидрични епидемии со цревни заразни заболувања. Се препорачува да се изврши асанација и воспостави редовна континуирана дезинфекција по пат на хлорирање на селските водоводи и истите да се отстапат на стопанисување на стручна овластена стопанска организација“ – додава  д-р Петрова. .

Ланските испитувања на водите од градскиот базен и базените на три хотели покажале од 27 испитувања, во  еден случај имало  неисправна вода, регистрирано присуство на хлориди, парметри кои не биле токсични и не се одразувале штетно врз здравјето на капачите. Во извештајот не е прецизирано кој базен е тоа.

Селата приклучени на градски водовод или каде ЈКП Дервен се грижи за неа, сите 13 испитувања на водата била  негативни. Од вакви водовди се снабдуваат 2.751 жители или 5 отсто од  населението во општината.  

Кај селата со сопствен водовод,  од 24 контроли  во  осум случаи водата била  неисправна. Во  истите села од  54 испитани примероци на вода од  чешми и бунари, во 47 случаи  водата била неисправна. Ова се села каде  живеат 5.274 жители или 10 отсто од жителите на општина Велес.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

  • дома
  • на Охридско езеро
  • Грција
  • Црна Гора
  • Хрватска
  • Албанија
  • Турција
  • на Дојранско езеро
  • на планина
  • Бугарија
Резултати