Петар Печков
Објавено: петок, 26 јуни 2026
Во велешкиот музеј се реализираше анализа на метални артефакти од праисторискиот период на тлото на Македонија. Тоа е дел од просктот „Интердисциплинарни анализи на праисториски метални артефакти од Република Северна Македонија“ кој е финансиски поддржан со годишната програма на Министерството за култура. Во него се вклучени пет музеи, освен велешкиот и тие од Битола, Струмица, Прилеп и Археолошкиот музеј на Македонија од Скопје.
„Во просториите велешкиот музеј се изведуваа истражувања на археолошки предмети. Целта на оваа активност е проучувањето на почетоците на праисториската металургија во Македонија од доцниот неолит (5200 год. п.н.е.) до доцното бронзено време (1200 год. п.н.е.) преку хемиска анализа на металните артефакти од посочениот период. На дел од селектираните археолошки предмети беа извршени неинвазивни односно недеструктивни анализи, преку аналитички мерења користејќи ја техниката Рендгенска флуоросценција (XRF) и испитувања со оптички микроскоп“ – информираа од Народен музеј Велес.
Со овие истражувања ќе започне да се создава база на податоци за анализираните метални артефакти од праисторискиот период во Македонија која што ќе биде основа за понатамошно надградување и истражување.
Анализите ги вршела д-р Катрин Јулија Вестнер, научен соработник во Германскиот музеј на рударството во Бохум, специјалист за работа со pXRF и за изработка основни металографски анализи со оптички и дигитален микроскоп.
Проектот се реализира под раководство на Милан Митовски, одговорно лице за реализација на проектот од Народен музеј Велес е Анита Василкова Мидоска, археолог.
фото Народен музеј Велес
