Петар Печков
Објавено: петок, 08 мај 2026
Изложба на дела од велешкиот сликар Александар Јовановски Мијак се изложени во Ликовниот салон во Велес. Двесет и пет дела, портрети работени масло на платно се претставени на изложбата насловена „Љубов“. Тој изложбата ја посвети на своите родители Иванка и Трајко.
„Тие воспитуваа, советуваа, учеа. Едниот те кара, другиот те гали, едниот те милува, другиот те советува. Така наизменично, за да ме научат на вистинските вредности, морал, етика, есететика. Беа среќни и горди. Учителот знаеше да каже, научи го портретот ќе знаеш се, се друго е после игра. Мајката пак ќе кажеше, слушај си го срцето нема да згрешиш, ти знаеш. Овие зборови се силни и моќни што одекнуваат и денес. Тие зборови и денес учат но и мотивираат“ – кажа Јовановски.
Неговите портрети се мигови од постоењето на одредени личности, фатени од четката и боите. Тие се дел од приватна колекција и позајмени за изложбата „Љубов“, која се базира на портретното сликарство.
„Кога ги гледаме насликаните портрети како да се наоѓаме пред некој анатомски атлас на човековата внатрешност. Во нив можат да се откријат отпечатени емоции, мисли, пораки споени во една целина. Неговите слики се суптилни лирски претопувања, сликани со топло префинето чувство, со излив на хармонија“ – кажа Дора Андова Фотева историчар на уметност, промотор на изложбата.
Александар Јовановски Мијак дипломирал на ФЛУ 2001 на отсекот графика, со графички дизајн во класата на проф.Костадин Танчев Динка а во 2011 на истиот факултет магистрирал. Досега има поставено 24 самостојни ликовни изложби, од нив осум во Македонија, 15 во САД и една во Париз.
