Петар Печков
Објавено: среда, 10 декември 2025
Проблемот со паркирањето во Велес е постојано актуелна тема. На последната седница, прашање постави и членот на Советот Жарко Манасков.
Тој ги пренесе реакциите на жителите од улица Методија Андонов Ченто, (од полиција до СИЗ-от) за паркираните автомобили и на коловозот и на тротоарот. Градоначалникот Колев кажа дека тоа е обврска на сообраќајната полиција.
„Јас постојано го актуелизирам овој проблем со паркирањето, но кога ќе дојде командирот на ПС Велес на седница за извештајот за работа, прашајте и вие како советници, иако началникот за сообраќај не доаѓа, но да се слушне за проблемот. Но не е проблемот само на оваа улица, го има уште на многу места во градов. За да живееме во ред и поредок сите треба да го почитуваме редот. Ако нема место за паркирање каде сакаме, да се паркираме подалеку.
Заради ова ставаме ступчиња и ќе ставаме оти се претера. Посебно кај градинките и школите. На улицата Методија Андонов Ченто узурпиран е коловозот но и тротоарите, децата на школо нема каде да одат. И што да кажам кога не можеме да воведеме ред пред зградата на Полициска станица а не да се бара да се воведе ред на Белградска, Луј Пастер.
Редот го воведува сообраќајната полиција, врз основа на сигнализацијата која ја поставува локалната власт. Дадов решение да се постават 94 нови „п столпчиња“ по тротоарите на 6-7 улици, оти веќе граѓаните не се безбедни, нема простор за пешаците“ – рече Колев.
Слична е состобата и на улица Крсет Мисирков, паралелна на Методија Андонов Ченто, исто така во дворот и соседството на полицијата. И таа е узурпирана од непрописно паркирани автомобили.
