Која година сме

Петар Печков

Која година е? Прашањето не е така едноставно како што звучи. Се е релативно. Луѓето направиле календари за мерење на времето, но времето е краткотрајно, не може да се фати, а одбројувањето не може да се означи. Овде почнува компликуваното. Како да се пронајде почетокот? Од кога да сметаме?

Различни земји користат различни календари. Многу календари постојат и денес, а постоеле и низ годините, но дури и тие може да ја почувствуваат сета релативност и минливост на времето. Во сите делови на светот не е 2019 година, ниту сите луѓе ќе ја годинава.

Најстариот познат запис за прослава на Новата година датира околу 2000 години п.н.е во Месопотамија. Во Римското царство Новата година отпрвин се прославувала во месецот мартиус, именуван според богот на војната Марс.

Во средниот век христијаните во Европа Новата година ја славеле различно на 1-ви и на 25 март, на 1 септември и на 25 декември.

Први јануари, како општоприфатен почеток на Новата година, дефинитивно бил устоличен во 1582 година со воведувањето на Грегоријанскиот календар, со исклучок на Русија и Англија кои тоа го направиле во 1700, односно во 1753 година.

Рош Хашана - Еврејска 5780 Нова година

Еврејскиот календар е базиран на комбинација на соларното и лунарното сметање на времето. Еврејската година има 12 месеци по 353, 354 и 355 дена во обичните и 383, 384 и 385 дена во престапните години.

Евреите ги бројат годините од датумот кога, според нивното верување, бил создаден светот, и на 24 септември во Грегоријанската 2014 година ќе ја прослават еврејската 5775 Нова година. 

Рош Хашана или почетокот на еврејската Нова година се прославува на првиот и вториот ден од седмиот хебрејски месец Тишри. Во зависност од соларниот календар, празникот се слави во септември или во октомври.

Рош Хашана е единствен еврејски празник што се слави два дена, што укажува на неговото значење. Непосредно пред празникот луѓето се капат, се потстрижуваат, подготвуваат свечена облека, а децата добиваат подароци. Десет дена по Рош Хашана се одбележува Јом Кипур, ден на помирувањето и откупувањето на гревовите. Во периодот меѓу двата празника религиозните Евреи ги самооценуваат своето постоење, постапки, направените грешки во претходната година и прават планови за новата година.

На Рош Хашана традиционално се свири на инструментот шофар направен од рог од овен. Шофарот се огласува по стопати за време на двата празнични дена, а секој тон има свое значење. На привот ден е обичај да се оди на поток или на река, каде што ќе се испразнат џебовите од облеката што симболично значи отфрлање на гревовите.

Рош Хашана е еден од четирите новогодишни празници на Евреите.

Според Талмудот, еврејската света книга, првото новогодишно одбележување е Нисан (март или април) кога се прославува оформувањето на Евреите како слободна нација. Втората прослава е Елул (август) нова година за давање арач во животни. Шеват (февруари) е третиот новогодишен еврејски празник со кој им се одава почит на дрвјата, особено на оние што даваат плодови. Последниот новогодишен празник е Рош Хашана - одбележувањето на создавањето на светот.

Кинеска 4717 Нова година - Година на свињата

Кинескиот календар датира од околу 2600 година п.н.е и е базиран на астрономски набљудувања на движењето на Месечината и на Сонцето.

Кинеската лунарна година е составена од 12 месеци по 29,5 дена и за да ја следи природната соларна година на секои две и пол години се додава по уште еден месец, поради што кинеската Нова година секогаш се прославува на различен датум. Времето според кинескиот календар се смета во циклуси од по 12 години од која секоја носи име на животно. Според легендата, Буда пред да замине од Земјата ги викнал сите животни за да се прости.

Само 12 животни дошле да го поздрават, за што тој како награда им посветил по една година. Првата година ја нарекол според стаорецот кој прв дошол да се поздрави, втората по волот, а по нив следуваат тигарот, зајакот, змевот, змијата, коњот, козата, мајмунот, петелот, кучето и свињата. 

Постои дилема околу сметањето на годините од кинескиот календар. Според традиционалното народно верување, времето почнало да се мери од 2698 година п.н.е што значи дека во 2019 година Кинезите ќе ја прослават нивната 4717 година - година на Свињата. 

Кинеската Нова година, позната и како Пролетен фестивал, почнува на денот на првото годишно раѓање на новата Месечина, Новогодишните празнувања траат 15 дена и завршуваат со т.н. Фестивал на лампиони.

Прославата традиционално е проследена со религиозни церемонии во кои им се одава почит на Земјата и на Небото, на домашните богови и на предците. Новата година Кинезите ја пречекуваат на семејна трпеза. Целата куќа мора да биде исчистена пред новогодишните празници, кога од домот се отстрануваат сите метли, четки и други средства за чистење. Чистењето за време на Новата година се избегнува поради верувањето дека со тоа ќе биде исчистена среќата на семејството.

Пред Новата година треба да бидат исплатени старите долгови, а на самиот ден ниту се бара, ниту се дава заем. Секој се труди да не изговори лоши зборови поради верувањето дека тоа носи лоша среќа, а спомнувањето на смртта или на духовите е табу. Кинезите веруваат дека ако некој плаче за Нова година, ќе плаче цела година, и затоа на новогодишната ноќ децата се толерираат максимално.

Огнометите се традиција во прославувањето на Новогодишната ноќ, кога, според кинеските обичаи, вратите и прозоците треба да се остават отворени за старата година да може да си замине.

Дивали - Индуска 2076 Нова година

Индусите на 23 октомври 2019. ќе ја прослават нивната Нова 2071 година. Индуската Нова година почнува со празникот Дивали, познат уште и како Фестивал на светилките, којшто вообичаено се прославува во втората половина на октомври или во првата половина на ноември.

За потеклото на Дивали постои индуска легенда од северна Индија, според која почетоците на празникот се врзуваат за кралот Дашарта, кој имал три жени и четворица синови, меѓу кои и Рама. Една од неговите жени сакала нејзиниот син Бхарат да го наследи кралот, но и покрај нејзините настојувања, Дашарта решил негов наследник да биде Рама. Тоа ја налутило мајката на Бхарат и таа го протерала Рама во 14-годишно прогонство. 

Прогонетиот Рама избегал во јужна Индија каде што при една борба го убил Равана, господарот на демоните по што со својата жена Сита се вратил во Кралството на Дашарта. Токму неговото враќање во северна Индија го претставува Дивали, којшто се прославува пет дена и симболично ја означува победата на доброто над злото.

Китењето на домовите со свежо цвеќе, облекувањето во свечена облека, одењето на гости кај роднините и пријателите, постот, огнометите и играњето карти се вообичаен ритуал при одбележувањето на почетокот на индуската Нова година.

Постојат разлики во одбележувањето на Дивали во различни делови на Индија, но сепак, заеднички се малите ламби на масло што за време на празникот горат во домовите во цела Индија. Ламбите ја означуваат победата на светлината, добрината и на знаењето над темнината, злото и незнаењето.

Муслиманска - Хиџретска 1441 Нова година

Муслиманите го сметаат времето според исламскиот Хиџретски календар, кој има 12 месеци, а почетокот и крајот на годината се одредуваат според месечевите фази.

Муслиманите ги бројат годините од Хиџра во 622 година од Грегоријанскиот календар, односно од моментот кога пророкот Мухамед со своите следбеници заминал од Мека во Медина. Според Куранот, Мухамед решил да замине во Медина поради силниот притисок и тортура што врз него го вршеле неговите непријатели во Мека каде што дури се планирало и негово убиство. Во последен момент Мухамед заминал и се засолнил во една пештера чиј влез по неговото влегување бил прекриен со пајакова пајажина. Кога неговите гонители ја виделе неоштетена пајажина на влезот на пештерата се откажале од потерата, по што Мухамед избегал во Медина каде што бил срдечо пречекан. 

Хиџра е официјален календар во Саудиска Арабија и во повеќе други исламски земји. Муслиманската година е пократка од грегоријанската бидејќи нејзините месеци имаат по 29 или по 30 дена. Годината според овој календар има 354 дена, поради што муслиманската Нова година секоја година се одбележува 11 дена порано од претходната.

Традиционално, муслиманите ја пречекуваат Новата година во кругот на семејството, а во одбележувањата доминираат сцени и приказни за заминувањето на Мухамед од Мека во Медина.

На Тајланд е 2562 година

На Тајланд 2019 ќе биде 2562 година. Официјално Тајланд живее според будистичкиот лунарен календар во кој хронологијата почнува од моментот кога Буда постигнал Нирвана. Меѓутоа тие исто така го користат Грегоријанскиот календар. Разликите често се направени за странци, а датумите на производите и документите се напишани според овој календар. Будистичкиот календар се користи во Шри Ланка, Камбоџа, Лаос и Мјанмар.

Во Етиопија е 2012 година

Етиопскиот календар е осум години зад „редовниот“. Тој има 13 месеци во годината, при што 12 месеци имаат по 30 дена, а последниот е многу кус и има само 5 или 6 дена во зависност од тоа дали годината е престапна. Исто така, нивниот ден не почнува на полноќ, туку со излегувањето на Сонцето. Етиопскиот календар се темели на античкиот календар на Александрија.

Во Пакистан е 1440 година

Исламскиот календар се користи за одредување датуми на верски празници и како официјален календар во некои муслимански земји. Хронологијата почнува од Хиџра, датумот на преминувањето на пророкот Мухамед и првото иселување на муслиманите во Медина (622 година).

Овде денот започнува со заоѓањето на Сонцето, а не на полноќ. Почеток на месецот е денот кога полумесечината првпат се појавува после новата Месечина. Должината на годините во Исламскиот календар е за 10 до 11 дена покуса од соларната година, а месеците се движат во однос на годишните времиња. Тие месеци кои биле летни после некое време ќе бидат зимски и обратно.

Во Иран е 1397 година

Персискиот календар или календарот Солар Хиџра е официијален календар во Иран и Авганистан. Овој астрономски соларен календар бил создаден од група астрономи вклучувајќи го и познатиот поет Омар Хајаа. Хронологијата почнува од Хиџра, токму како и во Исламскиот календар, но се темели и на соларната година, поради што месеците остануваат во истите годишни времиња. Седмицата почнува со сабота и завршува со петок и тие се неработните денови.

Во Јапонија е 31 година

Во Јапонија постојат две хронологии: онаа која почнува со христовото раѓање и традиционалната. Таа се темели на годините на владеење на јапонските цареви. Секој цар на својот период му дава име според мотото на своето владеење.

Почнувајќи од 1989 година постоеше „ера на мирот и тишината“, а престолот на царот Акихито. Претходниот период „просветлен свет“ траел 64 години. Во повеќето официјални документи се користат два датуми, еден според Грегоријанскиот календар и еден според актуелниот период во Јапонија.

Во Северна Кореја е 108 година

Календарот Џуче се користи во Северна Кореја од 8 јули 1997 година заедно со хронологијата според Христовото раѓање. Датумот на одбројување е 1912 година кога бил роден Ким Ил-сунг, основач на Северна Кореја и доживотен претседател на земјата. Годината на неговото раѓање е година прва. Не постои нулта година на овој календар.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати