Петар Печков
Објавено: петок, 22 мај 2026
Повеќе од 200 илјади евра локалната власт на Велес потрошила за обештетување на граѓаните каснати од бездомни кучиња во 2025 година. Тоа е повеќе од 25 илјади евра отколку година дена претходно. Најниска исплата имаше во 2023 година, само еден милион денари. И бројот на граѓани кои побарале обештетување поради каснување од бездомно куче е зголемен, од 159 во 2024 на 172 минатата година.
„Двесте илјади евра наместо да вложиме во реновирање на градинка, изградба на инфраструктура, ние обештетуваме граѓани каснати од бездомни кучиња. Овде гледам злоупотреба, користење на општински народни пари за лични интереси и потреби, одење на одмор, подготовка на зимница, да си купат дрва за огрев. Ова е брза заработка за некои сограѓани“ – вели градоначалникот Марко Колев.
Од вкупните исплатени 12.821.621 денари за обештетување лани, 7,7 милиони биле за физички лица и 5,1 милион денари за адвокатите. Ако до локалната власт стигнале 172 барања за обештетување во 2025 година, во СВР Велес биле примени 187 пријави за лица каснати од кучиња скитници. Во ЈЗУ Општа болница Велес во 2025 година - од каснување од куче лекарска помош побарале 157 лица.
„Во 2023 година имавме склучено договор со осигурителна компанија за таа да ги исплаќа оштетените. Требаше да тужиме до суд, па Апелација да потврди тоа значеше време, па дел од пресудите се прелеаја и во 2025 година и затоа имаме и зголемување на исплатата. Две години чекам решение по поднесената кривична пријава до ОЈО Велес за непознат сторител за оштетување на општинскиот буџет. Епилог нема. Некои сограѓаните имаат кучиња, ги чуваат и по некое време ги остават на улица. Така бројот на бездомни кучиња во градот расте“ – кажа Колев.
За надминување на проблемот со кучиња скитници, девет општини од Вардарскиот плански регион заедно со Министерството за локална самоуправа и Швајцарската амбасада изградија стационар за бездомни кучиња „Шепка“, со капацитет од седумдесетина кучиња. Тој е лоциран близу Кавадарци, но тој засега не го решава проблемот. Со досегашната негова работа ниту луѓето ниту кучињата се безбедни на улица, констатира советник во Општина Велес.
Раководството на стационарот, побара време за да се почувствуваат бенефитите од работата на центарот и според нив бездомните кучиња се резултат на неодговорни сопственици, кои кратко време по набавката ги оставаат на улица.
фото архива ТрМр
