Петар Печков
Објавено: среда, 04 јуни 2025
Наградата „Св. Наум Охридски“ највисокото признание на Лекарската комора на Македонија годинава го доби д-р спец. По ошта медицина Душко Темелков, матичен лекар од Кавадарци. Тој има 37-годишно богато професионално искуство. Во образложението на одлуката, пишува дека Темелков претставува вистински пример за посветеност, кој го достигнал врвот на својата професија, почитувајќи ги највисоките етички принципи, оставајќи траен белег во здравството на Кавадарци и пошироко. Таа беше врачена на свечноста за одбележување на 33 години од постоење и работа на Лекарската комора на Македонија, одржана во Велес.
„Докторите не се само доктори, тие се истражувачи, иноватори, едукатори, тие се носители на надеж и поддршка за секој пациент. Нивната посветеност на животот и здравјето на поединецот е темел на јавното здравје и социјалната стабилност. Докторите се двигатели на медицинскиот напредок, постојано барајќи нови решенија и терапии за да се подобри квалитетот на животот. Унапредувањето на нивниот статус, преку обезбедување подобри услови за работа, континуирана едукација и економско зајакнување, не е само прашање на фер однос кон нив, туку и инвестиција во иднината на целото општество“ – кажа проф. Д-р Калина Гривчева Стаределова.
Беа врачени и наградите „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за тројцата најдобри студенти по медицина, од трите медицински факултети од земјава, кои имаат највисок просек. Признанија добија Јована Цветановска – Медицински факултет УКИМ Скопје, Галена Аризанкоска УГД Штип и Фјола Ружди од Државниот универзитет Тетово.
Плакетата за најдобар труд добија д-р Беким Татеши, д-р Игор Исјановски, д-р Сузана Кленкоски од ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести, Скопје, автори на трудот “Скрининг за прематурна ретинопатија за предвремено родени бебиња во Република Северна Македонија – 15-годишни резултати 2009 – 2024“.
На свеченоста беа доделени и благодарници на докторите вклучени во спасувањето на животите на повредените при пожарот во т.н. дискотека во Кочани, кои покажале исклучителна стручност, пожртвуваност и хуманост.
„Со доделувањето благодарници, им оддаваме признание на околу 500 доктори кои беа вклучени во лекувањето на повредените во пожарот во Кочани. Ова е мал гест за огромниот подвиг, но е искрен чин на благодарност за нивната беспрекорна посветеност на животот и здравјето на луѓето“, посочи д-р Гривчева Старделова.
Лекарска комора е формирана на 5 јуни 1992 година.