Петар Печков
Објавено: четврток, 03 јули 2025
Разрешениот судија Лазар Нанев ќе седне на обвинителна клупа во Основен суд Велес. Поранешниот претседател на Основен суд Кавадарци, е обвинет за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од Кривичниот законик, каде прецизира дека „делото е сторено во вршење на неговото овластување или должност“ и му е запретена казна до пет години затвор.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес до Основниот суд Велес на 27 јуни годинава го поднело Обвинителниот предлог. По предметот ќе постапува судијата Ангел Трипчев. Главна расправа е закажана за 23 септември во 10,30 часот.
Судскиот совет на 16 октомври лани на затворена седница за јавноста го разреши судијата од кавадречкиот суд Лазар Нанев, за 97-те јавувања во неколку дена со странка (обвинет), во предмет што го судел лично тој. За притисоци и недолично однесување него го пријавила и обвинителка од Кавадарци.
На прашање до Јавното обвинителство, од таму кажаа дека за Нанев е поднесена уште една кривична пријава која е во надлежно постапување на ОЈО Гевгелија, но Јавното обвинителство не е во можност да открива детали од поднесената кривична пријава.
Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен предлог против Лазар Нанев, за кривично дело – Несовесно работење во службата.
Обвинетиот, во текот на 2024 година, додека извршувал функција судија за извршување санкции во Основниот суд во Кавадарци, со умисла несовесно постапувал во предмет за извршување затворска казна за еден осуден.
Затворската казна од 3 години и 8 месеци била изречена со правосилна пресуда на Основниот суд во Гевгелија. Меѓутоа, обвинетиот судија, иако примил известување за пресудата на 05.04.2024 година, првиот пат упатниот акт го изготвил со задоцнување и осудениот го упатил на издржување на затворската казна во КПУ Гевгелија, наместо во КПУ Идризово – Скопје согласно висината на изречената казна.
Потоа, откако гевгелискиот затвор известил дека казната не може да се издржува во таа установа, судијата за секоја одлука што ја носел во предметот ги пробивал законските рокови, се до 04.06.2024 година кога добил известување дека осуденикот не се јавил на издржување на затворската казна во Идризово.
Иако согласно закон бил должен во таква ситуација во рок од 24 часа да издаде наредба до МВР за приведување на осуденото лице, обвинетиот судија тоа го направил дури на 07.06.2024 година.
По распишана централна потерница, осуденото лице било пронајдено и лишено од слобода, и започнало да ја издржува затворската казна речиси една година подоцна, на 11.03.2025 година наместо во април 2024 година