Петар Печков
Објавено: среда, 22 април 2026
Нема виновик за поморот на риба во река Тополка, кој се случи на 19 јуни минатата година. Од добиените анализи на релеватни државни институции, ОЈО Велес не нашло индиции дека е сторено труење на рибата, туку до поморот дошло поради органско загадување.
Ова е одговорот на поставеното прашање дали заврши истрагата за овој сериозен еколошки инцидент, кој 10 месеци се истражуваше и предизвика многу реакции во јавноста, во недостаток на информации.
„ОЈО Велес донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава, имајќи ги предвид резултатите од извршените вештачења и анализи со кои се утврди дека поморот на рибите е резултат на акутно органско загадување од непознат извор, а не за труење со најчесто употребувани пестициди, индустриски хемикалии, тешки метали или металоиди. На донесеното Решение вложи жалба Здружението на спортски риболовци Бабуна - Велес, а Вишото јавно обвинителство Скопје имајќи ги предвид сите факти во предметот, донесе Решение со кое ја одби жалбата како неоснована и го потврди донесеното Решение на ОЈО Велес“ – соопштија од ОЈО Велес.
На лице место на поморот на рибите на реката Тоополка, имаше претставници од Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна, надлежна лабараторија зема мостри од реката од две локации. Поморот беше регистиран рано утрото од рибари, во близина на локацијата на Затворот, кај Оризари, подолу од некогашна Порцеланка.
Според стручната литература помор на риби поради акутно органско загадување во река се случува поради намалување на растворениот кислород во водата. Кога во реката влегува голема количина органска материја -канализација, отпад, ѓубриво, индустриски отпад, големо количество органски отпад по дождови, започнува разградување.
Бактериите што ја разградуваат органската материја трошат огромни количини кислород. Ако кислородот падне под критично ниво, рибите се гушат (хипоксија). Акутно органско загадување може директно да предизвика помор на риби во река. Главната причина е нагло трошење на кислородот во водата, ова е еден од најчестите и најопасни еколошки проблеми во водните екосистеми.
