Петар Печков
Објавено: понеделник, 04 мај 2026
Температурата на воздухот, која саботата утро, на 2 мај во Тиквешијата се спушти на нула степени, измерени од УХРМ, ги оштети лозјата и штотуку врзаниот плод. Невообичаената температура за месец мај предизвика штети. Лозарите засега без конкретни проценки, но јасни дека кај дел од нив род, грозје нема да има.
„Имам три хектари лозје траминец, 90 отсто е измрзнато од ниската температура. Толку многу вложивме а годинава ништо нема да добијам за возврат. Измрзнат е ластарот и оформираните плодови, што нзачи нема да има род“ – вели Зоран Пешков лозар од Кавадарци.
Слична е состојбата и во Росоман, пред се лозјето кое е во фаза на развој.
„Индивидуално има штета, зависи кај кого како. Штета има кај родот на лозјето во пониските делови од Тиквешијата, покрај реките, водите. Тука има и оштетени овошки, праски, кајсии, цреши, иако кај нив нема толку многу. Тие што се на повисоко куртулија“ – вели овоштарот од Росоман Владо Орданов.
Невообичаената температура за првите денови од мај, кога се симна на нула а во велешко и под нулата, предизвика оштетувања. Во велешко лозарите се жалат дека годинава се е измрзнато и оштетено. Големите компании кои имаат лозја покрај Вардар, езеро Младост, засега без коментари.
„Вакви временски услови во мај се ретка појава, особено кога имаат директно влијание врз лозарството и овоштарството кое е од егзистенцијално значење за регионот на Тиквешијата“ – вели лозар на Неготино.
Овоштарите велат дека ниту една осигурителна компанија не прифаќа осигурување на родот од мраз. Стручњаците објаснуваат дека во вакви случаи единствено решение по овошките и родот е чадење. Густиот чад создава завеса го ублажува ладењето на пониските слоеви на воздухот.
Ова е четврта година во Тиквешијата како родот на грозјето и овошките осетно се намалува. Во 2023 година поради хаваријата на системот за водоснабдување Макарија, следната 2024 година, овошките немаа род од последиците на сушата од претходната година. Лани 2025 на крајот од март имаше мразови, што предизвика на штета на овошките. Така лани црешите стасаа по маркетите до 1.300 денари, кајсиите и праските чии род се оштети до 80 отсто, се продаваа по 400 денари за кг.
Во вакви случаи на временска непогода, локалната власт формира комисии за проценка на штета, кои одат на терен и постапуваат по пријавите. Потоа таа проценка ја прифаќа Советот на општината. Тој се препраќа до Владата, која ги обештетува земјоделците во висина од 5 отсто од проценката.
Така деновиве прес празникот градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев објави дека биле пристигнати парите од Владата за обештетување на овоштарите и лозарите од ланскиот мраз. Пријавените 80 лица овие денови ќе добијат вкупно 3,8 милиони денари. Проценетата штета за ланскиот мраз беше 76 милиони денари, или повеќе од 1,2 милиони евра.
