Нова, десетта книга на Крлевски, „Крлевизми - избрани афоризми“

Петар Печков


Излезе од печат десеттата книга афоризми на Атанас Крлевски „Крлевизми –избрани афоризми-“ во издание на Академски печат од Скопје. Книгата содржи 2222 избрани афоризми од целокупното творештво на авторот, поделени ( како и сите негови книги афоризми ) во три циклуси: афоризми за човекот, политиката и жената.

Изборот на афоризмите е на Д-р Ана Витанова Рингачева, а таа е и рецензент на книгата. Во рецензијата вели: „Атанас Крлевски е еден од најдобрите македонски афористичари, автор кој во своето писмо остава белег на оригиналност и препознатливост. Роден е во Ташкент во далечниот Узбекистан, но од третата негова година живее во Велес и тој се чувствува Велешанец. Токму затоа имаме право да кажеме дека Крлевски е продолжувач на традицијата на пишување афоризми која во XIX век ја започна големиот македoнски преродбеник, велешкиот учител Јордан Хаџиконстантинов Џинот.

Повеќе од четири децении Крлевски го набљудува светот и човекот околу себе, пресоздавајќи ги своите перцепции во кратки и луцидни мисли. Како автохтона појава во македонското афористично писмо, Крлевски последнава деценија ја збогати македонската книжевност со девет книги афоризми, вредно наследство за новите генерации, почитувачи на македонската книжевна мисла. Тој е страстен вљубеник во афоризмот, алтруист, човек за кој афоризмот е третото чедо. Можеби и затоа неговите афоризми го носат неговиот предзнак изведен од презимето, неговите крлевизми се од неговиот сој. Остроумно и досетливо повикувајќи се на своето карактеристично презиме, Крлевски создава зборониза, неологизми кои стануваат предзнак за неговите афоризми – крлевизми. Така настануваат:  крлашка,  крлетка,  окрлавени мисли. Крлевски е совршен познавач на сензибилитетот на својот народ, тој е прецизен детектор на сите пукнатини на човековата психа, пукнатини кои ги создале честите потреси од општествените, економски, политички и семејни земјотреси. Тие како да создаваат нови извори низ кои потекува мислата на афористичарот, понира во земјата, се храни со енергија и уште посилно еруптира на површината.“


За ТИРЕКОВМИ РЕЧЕ авторот избра неколку афоризми:

1.    Сум напишал многу автобиографски афоризми. И јас не сум цвеќе за мирисање.

2.    Оставивме настаните да течат. Не поплавија.

3.    Зад секоја успешна жена се кријат разочарани комшивки.

4.    Ако си стигнал на небото, не заборавај дека си тргнал од земјата!

5.    Откако владата ја изгуби главата, работи на проектот „Вештачка интелигенција“.

6.    И изборите за животен сопатник може да имаат повеќе кругови.

7.    Човечкиот род е во криза. Животните веќе формирале кризна група.

8.    Во книгите пишува дека демократијата е власт на народот. Хартијата трпи сé!

9.    Бракот е последната глупост на ергенлакот.

10.    Ако не е болна, љубомората е здрава!

11.    Имаме светла перспектива. Пред нас е една светлосна година.

12.    Ако си слаб маж во бракот ќе минуваш низ иглени уши.

13.    Кон секого се однесувам како кон човек, со должно разбирање дека настанал од мајмун!

14.    Нашата култура е посебна. Немаме општа.

15.    Парите треба да се трошат разумно. Затоа жените пронашле алтернативни решенија.

16.    Ако смеата е лек, ќе предизвикам епидемија. Можеби ќе го спасам светот?

17.    Наша специјалност: Добро поткованите да ги правиме магариња.

18.    Божествено убавите жени најчесто имаат ѓаволски карактер.

19.    Видов колку е часот и одлетав во друга часовна зона.

20.    Некогаш не верував во тоа што не го гледа, а денес во тоа што го гледам.

21.    Денес на комшивката ѝ се исполни најголемата новогодишна желба. Заглави со мене во лифтот.

22.    Како да се остане човек меѓу луѓето? – прашање е сега.

23.    Полуписмените секогаш те сфаќаат буквално.

24.    Жената е калауз за сите затворени финансиски конструкции на мажот!

25.    Внимателно со наивноста! Често остава уметнички впечаток.

26.    Помеѓу славното минато и светлата иднина, сегашноста не може глава да крене.

27.    Море љубов во секоја капка живот!

28.    Денес не се во мода: добрината и искреноста, но јас сум оптимист – модата се враќа!

29.    Потсмевот не е шега! Исто како што и магарето не е коњ.

30.    Во нашето семејство постојано се разговара. Децата по телефон, жена ми со мачката, а јас со самиот себе.

31.    Жените се убедени дека на Земјата долетале од Венера со вселенски брод, а мажите - паднале од Марс.

32.    Постојат и интелектуалци кои знаат сѐ, но молчат. Зошто да дознаеме колку е тоа сé.

33.    Во театарот маските се вадат. Во животот – паѓаат!

34.    Идеален љубовник за девица: Стрелец со искуство здобиено со многу риби.

35.    Потешко е да издадеш книга, отколку да го издадеш својот народ. За второто има повеќе помагатели.

36.    Денес, најретка боја е црвенилото од срам.

37.    Ако жената често го множи мажот со нула, брзо ќего дели со два.

38.    Седев на две столици. Сега стојам на една нога.   

39.    Гости сме на овој свет, но да живееме како да сме дома.

40.    Фатен сум на дело. Требаше да си останам на зборови.

41.    Со паметот каков што го имате од вас очекувам... да ви попуштам!

42.    Ако жената е учебник за мажите, сакам да учам од различни учебници.

43.    Додека јас три пати мерев, ми отсекоа половина од материјалот.

44.    Сопругата никогаш не сум ја разочарал. Од мене не очекува ништо.

45.    Спрега со подземјето: Мачките дремат, а глувците го крчмат сирењето.

46.    Најтешки времиња се тие, кога освен човечкиот живот се друго е скапо!

47.    Фатив ретка риба, ама останав без мамки во банка.

48.    Чаршија – како тоа факултетски звучи.

49.    Мојот карактер тешко се вари, а сите ме јадат.

50.    Жените најмалку зборуваат во февруари. Има најмалку денови.

51.    Фамилијарен бизнис: петмина браќа во пет партии.

52.    Не одам до крајности. Не знам да се вратам.

53.    Среќен брак: два цвета во цветна градина, а не во хербариум.

54.    Шефот го нарекуваме глупи Август, но тоа не е точно. Тој се вика Атанас.

55.    Се фокусирам на работата, но фокусот секогаш ми се поместува за утре.

56.    Те видов тебе и се заљубив, а потоа се правев на слепо.

57.    Што не знае Интернет, знаат комшивките.

58.    Министерот знае колку се два и два. Има факултет.

59.    Црна мачка ми го пресече патот и... ме покани на кафе.

60.    За да одам во чекор со времето, треба да го почекам!

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати