Петар Печков
Објавено: петок, 20 декември 2024
Објавени се краткорочните мерки кои се планира наскоро да се реализираат за спас на Езерото Младост. Тие се дел од мерките за прочистување на водата од акумулацијата. Мерките ги објави градоначалникот Марко Колев, на барање на Советот на Општина Велес.
„Стручните лица од Хидробиолошкиот завод во Охрид, кој изврши анализа и ја откри причината за загадувањето, во брзо време ќе достават решение за внесување на микроорганизми во водата на Езерото Младост. Тие треба да помогнат за разгадување на масата која плови и на тињата. Најбрзо што може да се случи е да се вградат неколку пумпи со поголем капацитет, согласно големината на езерото, за фрлање на вода во височина, нејзино паѓање и обезбедување кислород“, кажа Колев.
Овие две решенија се краткорочни мерки на кои се работи, а се во координација со вицепремиерот Љупчо Димовски, кој е дел од работната група што работи на спас на езерото. Во неа се стручни лица од повеќе институции од Велес, но и членови на Советот и од Министерството за животна средина. Има и други мерки кои треба да се реализираат, но и дилеми кои треба да се расчистат.
„Дополнително да се види до каде е изградбата на цевководот од акумулацијата Лисиче и до каде е тој изграден. Да се разговора со банката КФВ како инвеститор зошто овој цевковод е исклучен и не е веќе во игра за дотур на вода до Езеро Младост? Проектот за чистењето на Отовичка Река е нарачан, по што ќе се реализира. Бидејќи нивото на водата од езерото е паднато, се размислува да се исчисти тој дел од брегот каде водата е повлечена. На подолг временски период е забрането испумпување на водата за полевање на околните лозови насади, како и контролирано прскање на лозовите насади.Предвидено е и ново проектирање на колекторскиот систем, кој некаде кај месноста Бела Вода е под вода поради, тоа што е ниско проектиран е потопен. И поради тоа, никој не може да гарантира дали од фекалите во него нешто завршува во водата или не“, рече Колев.
Токму параметрите за фекално загадување летово таму во еден наврат покажаа енормна загаденост, за после седум дена да бидат ниски и далеку од граничните вредности.
Велешкото езеро е во „алерт2“ состојба, поради тоа што има присуство на цијанобактерии, открија анализите на Хидробилошкиит завод од Охрид. Овие вредности не можеа да ги откријат ниту Центарот за јавно здрвје ниту лаборторијата „Фуд лаб“, кои го следат квалитетот на водите од езерото, бидејќи немале можност за такви анализи.
„Битно е во нашиот случај да знаеме дали има присуство на цијанотоксини. Најблиску каде може да се испита водата за присуство/отстуство на цијанотоксини е во Словенија.Таму се испитува и евентуалната нивна концентрација, во други лабоаратории на Балканот таква можност нема“, кажа д-р Ивана Горгиевска од Центарот за Јавно здравје во Велес.
Локалната власт нема толку средства за едно вакво испитување во Љубљана и затоа бара дел од финасиите за спас на Езерото Младост да ги обезбеди Министерството за животна средина. Акумулацијата се полни со вода од Отовичка Река и Рудничка Река, кои со години не течат и се суводолици. Нема дотур ниту од Езеро Јарбош, кое е наменски создадено за да ја полни акумулацијата Младост, оти лани некој со булдожер ги затрупал изворите.
Од ЈКП „Дервен“, кое управува со канализациониот систем во село Отовица, од каде има забелешка на Државниот инспекторат за животна средина дека мал број на домаќинства се приклучени кон него, најавија дека ќе извршат ново пребројување. На новинарско прашање, колку објекти се приклучени на канализационата мрежа, прецизен одговор нема.
„Сите објекти кои имаа услови за приклучок се приклучени од страна на ЈКП ‘Дервен’ Велес и сите новоизградени објекти исто така се приклучуваат на канализационата мрежа. ЈКП ‘Дервен’ по спроведена акција на лице место поголемиот дел од објектите ги евидентираше како приклучени на канализациониот систем, така што останати се многу малку објекти кои не се евидентирани“, одговорија од ‘Дервен’.
Во меѓувреме, на бреговите на езерото се појави пена и мирис на амонијак. По извршените анализи на водата од ноември, кога е регистрирана новонастанатата состојба и октомври кога немало пена, Државниот испекторат за животна средина констатирал дека нема промени во водата, освен на нитрити од група 2 во група 3 кои покажувале дека органската маса која плива по површината се распаѓа.