Петар Печков
Објавено: вторник, 08 април 2025
Чистењето на наносите од дрва на мостот на Башино Село, предизвика силни реакции во јавноста. Од видео снимката која беше споделена во јавноста, се глeда дека дрвјата кои се закачени на столбовите од мостот, со машина се земаат од водата, се складирaат на мостот за потоа да се пуштат низводно преку другата ивица на мостот, повторно во реката.
„Зошто дрјвата повторно се враќаа во реката, во водата, кога низводно од тој мост само во Велес има уште три, каде може труповите да се закачат. Тоа ќе предизвика ново чистење, нов ангажман на меахнизација, ново трошење на пари. Наместо да се соберат и искористат за други намени, стеблата се враќаат во Вардар“ – беа коментарите по социјалните мрежи.
На поставеното прашање до ЈП државни патишта, која фирма го вршеше чистењето на мостот на Вардар кај Башино Село, и зошто наносите дрвја се вратени во реката, по четири дена одговор нема. Искуствата од минатите години, пред десетина, кога мостот беше дел од локалната власт и таа се грижеше за негово одржување, тогашен вработен раскажа како постапувале.
„Големите стебла дрвја кои беа прикачени на столбовите од мостот, ги откачувавме со механизација и пренасочувавме да пловат по Вардар. Поради нивната габритност и тежината поради не можевме да ги подигнеме. Помалите ги кревавме, потоа ги складиравме, ги користевме за различни намени“ – кажа соговорникот.
Мостот на Вардар кај Башино село беше затворен за сообраќај на 2 април, поради високиот водостој на реката, соопштија тогаш од ЈП Македонија пат. Откако беа исчистени наносите дрвја, на 3-ти април во попладневните часови мостот повторно беше отворен за сообраќај.
Овој мост поради нарушената стабилност, од 3 јануари до 3 март беше затворен за сообраќај а потоа пуштен со времен режим. Возилата наизменично се пуштаат преку него, а тоа се регулира со светлосна сигнализација.