Петар Печков
Објавено: сабота, 28 март 2026
ОК Штип УГД е освојувач на Купот, откако вечерва во финалето го победи велешки ОК Борец со 3:1 ( 25:17, 22:25, 32:30, 25: 13). Велешани со жестоки реакции за резултатот. Честитки за победникот, но сметаат дека натпреварот ќе имаше друг тек ако третиот сет го добијат, бидејќи имаа пет сет топки а при презултат 25:24 нивно водство, топка која била во поле, судиите пресудиле аут.
„Прекрасни три сета, честитки за победникот. Имавме голема желба, голем мотив, судиите го решија овој натпревар, ќе ја гледам снимката ако грешам ќе се извинам. Судиската организација треба да става квалитетни линиски судии. Во одбојката сум 30 години а вечерва овие прв пат ги гледам, за мене се анонимуси. На финале ваква грешка кога го решава сетот не смее да се случи. Одигравме одлични втор и трет сет, четвритот одбојкарите паднаа по судиска неправда. Со Штипјани годинава средбите беа егал, ги знаеме нивните слабости, ги знаат и тие нашите, имаше надигрување од двете страни“ – кажа Петре Жабев, тренер на ОК Борец.
Завршницата од Купот се играше во салата Јане Сандански во Скопје. Организатор беше Одбојкарската федерација на Македонија
Во полуфиналето вчера ОК Борец со 3:0 ја совлада екипата на ОК Работнички. Ова е второ финале за три години, и во двете се поразени. Останува освоениот Куп во 1995 година.
Веќе од среда 1 април започнува плеј-оф за титулата првак. Во полуфиналето ОК Борец стартува со ОК Струмица, првата средба се игра дома, втората велешани гостуваат и евентуалната трета пак во Велес. Се игра подобар од три.
