Петар Печков
Објавено: четврток, 27 август 2026
Бројот на патници кои користеле железнички сообраќај, на станица Велес лани паднал на 52.000 патници од 77.000 во 2024 а во 2023 биле регистрирани 86.000. Од година во година стрмоглаво паѓа бројот на граѓани кои користат железнички превоз. Така е и на ниво на Македонија. Лани имало 177.775 патника, годината претходно 237.648 а во 2023 -280.440. Ова се податоци објавени на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Велес после Скопје е втора железничка станица по број на патници, потоа се Прилеп па Битола. Така во Скопје од 102 илјади во 2023 лани биле превезени 68 илајди, во Битола од 22 илјади бројот на патници паднал на 19 лани а во Прилеп од 42 во 2023 на 25 илјади минатата година.
За споредба од 2011 година, податоци кои се достапни, железницата во Македонија превезла 1.421.403 патника, потоа се бележи пад се до 2014 кога имало 803.101, за во 2015 бројката да порасне на 1.022.274.
Оваа година започна егзодусот на мигранти од Блискиот исток, кои масовно заминуваа во државите на Западна Европа, при што Македонија беше дел од рутата. Тогаш железницата беше главен превоз за миграните од Гевгелија до Куманово. Така оваа година од Гевгелија биле превезени 436 илјади патници а од железничка станица Велес 220 илјади. Потоа повторно следи пад, за да во 2019 година интересот се зголеми и има 549 илјади патници.
Најголем број на патници на железничка станица Велес имало во 2011 година, прва достапна во статистиката на ДЗС со 477 илјади, во 2012 имало 384, а во 2013 -340 илјади. Потоа бројките се во опаѓање освен 2015 и во 2019 кога имало 162 илјади.
Поради се помалиот број на патници од станица Велес, тешко може да се најде патник кој редовно го користи овој превоз, за да илустрира што е причината. Намалениот број на железнички линии, нередовноста, доцнењето се дел од причините.
„Патувањето е како авантура, не знаеш кога возот ќе дојде, дали ќе дојде, колку време ќе патуваш и дали ќе стасаш воопшто. И кој да патува во железница во вакви услови, кога од Скопје до Велес возот вози по 2-3 часа“ – вели велешанец поранешен патник на железница.
Илустрација за состојбата со возовите е и реакцијата на патничка од 2 август годинава.
„На 2 август бевме кумови на манастирот Св. Илија во Карабуниште. Кога се враќавме го чекавме возот три часа. Бевме 15 души, меѓу нив дете со посебни потреби, бремена жена во 7 месец. Имаше и други мали деца на 4, 8, 10 и 13 години. Срамота за железница“ – напиша на ФБ жената.
