Петар Печков
Објавено: петок, 08 мај 2026
Башино Село поим за млад кромид, најголем одгледувач на младиот кромид во земјава, оваа пролет е далеку од интересите на откупувачите. Малку градинари го одгледуваат овој ран зеленчук, поради што и ги нема камионите кои овој производ ги разнесуваа на пазарите во поранешна Југославија. Успеваа да снабдат пазар од десетина милиони купувачи. Сега бројките се далеку од тоа.
„Во селото од 200 семејства производители, останавме 20 кои одгледуваме млад кромид. Во сезоната, во пролет по 15 шлепери заминува за Хрватска. Од година во година производството опаѓаше, сега е на минимум. Нема млади кои би работеле, дел заминаа за странство. Потоа земјоделието, градинарството е неисплатливо. На пазар носиш 100 кила било кој производ, 90 ги враќаш, нема ниту кому да продадеш“ – вели Жарко Далевски одгледувач на млад кромид, кој го работи четири децении.
Задоволен е како минале годинава со младиот кромид, кој е веќе на заминување, завршува годинашната сезона и родот. Фолискиот кромид се продавал по 500 денари за сноп, каде има 50 врзопи. Од отворено цената паднала на 400 денари за сноп.
„Со оваа цена бевме задоволни, се движеше еден врзоп по 10 денари, па падна на 8 на големо. На мало на пазар се продаваше 25 до 30 денари, сега е 10 до 15 денари. Младите од селото работеа по градините, бавчите до пред десетина години. Сега останаа само 3-4 млади кои го работат младиот кромид, ни остана на старите, пензионерите да го одгледуваме. Работат во фирми и маж и жена, после работа не им се оди во бавча, во фолија. Така традицијата прекина“ – кажа Далевски.
Ако до пред десетина години секој пролет Башино Село мирисаше на млад кромид, сега тој мирис го нема. Ниту откупците среде село, кај селската чешма. А младиот кромид се бара.
Затоа пак во Росоман и Каратманово младиот кромид уште се бара и откупува. Во Росоман цената беше 70 до 75 денари за килограм, што е повеќе од ланската 60 денари. Во Каратманово –Овче Поле и деновиве доаѓаат прекупците и го барат овој ран зеленчук. Цената е 400 денари за врзоп.
