Петар Печков
Објавено: четврток, 29 октомври 2026
Младата Викторија Зерзева (21 год) нема да биде испорачана на Македонија, каде беше прогласена за виновна за сообраќајка, во која има смртно настрадан учесник во друго возило. Таа беше лоцирана дека престојува и живее во Германија, по што преку Министерството за правда беше побарана нејзина екстрадација. Германските власти испратиле одговор дека не е можно нејзино испорачување, бидејќи во женските затвори во Македонија имало лоши услови.
„Владата на Сојузна Република Германија го одби барањето за екстрадиција на горенаведеното лице од Германија во Северна Македонија, заради кривично гонење за делото што е предмет на налогот за апсење на Основниот суд Кавадарци од 19 август 2025 година, со референтен број КСП бр. 17/25. Надлежниот виш покраински суд ја прогласи екстрадицијата за недозволена од причини поврзани со внатрешното право. Судот смета дека не се обезбедени услови за сместување во притвор во Казнено-поправната установа Скопје, како и во случај на подоцнежна правосилна осудителна пресуда, во Казнено-поправната установа Идризово, кои би ги исполнувале барањата на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи од 4 ноември 1950 година“ – пишува во одговорот на Министерството за правда, по поставеното прашање.
Сообраќајката за која Зерзева се гонеше се случи на 5 ноември 2024 година, во близината на село Рибарци, општина Росоман. Во 8,45ч. на регионалниот пат Кавадарци – Росоман, кога возилото „сеат“ кое го управувала Зерзева удрило во возило „опел“ каде сопатникот Марјан Петровски (40 год) од Велес почина, а две лица возачот од опелот и сопатничката на 18 години од возилото на обвинетата, имаа тешки телесни повреди- политраума. Зерзева кога го управувала возилото имаше 18 години, не била под дејство на алкохол, опијати, покажале анализите на крвта и урината. Таа во тој момент возела брзо, преминала на другата сообраќајна лента и ја предизвикала сообраќајката, за што беше прогласена за виновна во Основен суд Кавадарци.
„Пресудата во меѓувреме стана правосилна, пет години затвор и забрана за управување на возило од Б категорија во период од една година“ – соопштија од ОЈО Кавадарци.

