Отовичкиот залив на езеро Младост има фекално загадување од човечко влијание, пишува во последниот извештај на Хидро Биолошки Завод Охрид

Петар Печков

Добиените резултати од истражувањата на квалитетот на водата од езеро Младост, според европските директиви,    се дека водата во Отовички залив е  III класа по фекална и органска загаденост. Водата по вертикален профил, по длабочина е втора класа по колиформни и ентеротрофни бактерии, освен длабинската која е III класа ,III класа  е според ентерококите и I класа според ешерихија коли, кои значат фекално загадување. 

Присуството на  колиформните бактерии и фекално загадување  укажуваат на човечко влијание.  Ова го пишува во Извештајот за физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата од акумулацијата Езеро Младост,  извршени од Хидробиолошки Завод Охрид (ХБЗО),  реализирани на 11 септември годинава, објавен неодамна. 

Водата била испитувана на три длабочини 0,5 м, 7 м и 13м и во Отовички залив. 

Класификацијата на фекално загадување според колиформни бактерии на сите три длабочини е II класа и кај Отовички залив е III класа. Според ентерококи на сите мерни места е III класа. Според присуство на ешерихија коли на еден метар е I класа а во заливот III класа. 

Во однос на микробиолошкиот квалитет, според застапеност на колиформните бактерии, кои потекнуваат од фекалии,  квалитетот на водата од сите три длабочини  е III класа, освен во Отовички залив каде е V класа. Индикаторот на свежо фекално загадување преку  бактеријата ешерихија коли,  чие  присуство  е регистирано на површинскиот слој и во централниот дел на езерото, како и кај Отовички залив. Таму биле регистрирани 1.200 бактерии на 100 милилитри вода.   

Ентерококите исто така индикатор за  фекално загадување ги има во сите примероци во вода, со најголема вредност од 1.765 бактерии на 100 мл/вода, пак кај Отовички залив. Сулфидредуцирачките клостриди, показател на  старо фекално загадување, се присутни на еден метар од површината на централниот дел од езерото и кај заливот. 

Според добиените микро-биолошки резултати, квалитетот на водата од езерото е трета класа а кај Отовички залив е  лош V класа.

Физичко-хемиските параметри укажуваат дека на квалитетот на вода во езеро Младост е  од III-V категорија, со  интензивен процес на еутрофикација-стареење на еко системот.  При собирањето на примероци вода од длабочина од 13м. стручните лица од ХБЗО  забележале силен мирис на сулфур, резултат на нецелосната разградба на органската материја во безкислородни услови. На  оваа длабочина од  13 м. анализата покажала дека нема кислород, што е опасност по растителниот и животинскиот свет за нивно изумирање.

Температурата на водата на површината на 11 септември била  24,5  а  на 13  м  длабочина 11,7 степени. 

Од ХБЗ Охрид повторно потенцираат, за спас на езерото потребен е дотур на свежа вода во акумулацијата и отстранување на наслагите од површината на езерото но и од дното.   

Од ЈВП Лисиче пред десетина дена започнаа со чистење на крајбрежјето на езерото од тиња, мул, изумрена трска и исушени дрва. Во тек е чистење на делот од Отовичка страна. До крајот на месецот ќе почне дупчење по текот на Отовичка река, која е пресушена, а добиената вода треба да го полни езерото.  Од ЈПВ Лисиче најавија дека ќе се работи етапно и првите резултати би биле видливи при крајот на следната година.  

„Замолувам за трпение, да  следите што работиме, во интерес на јавноста. Езерото е на сите. Се надевам дека до крајот на следната година ќе има видлив резултат на задоволство на сите “ – кажа Ване  Маневски директор на ЈПВ Лисиче, кое е концесионер со водата од езерото и назначен од Владата за носител во решавањето на проблемот со ревитализација на акумулацијата.  

Членот на Советот Јованче Манасков на седница на ова општинско телко, реагираше за чистењето на Отовичка река.

„Се пофаливте дека сте го  исчистиле  коритото на Отовичка река. Коректно е да кажевте дека се исчистени  460 метри, потрошивте два милиони денари а предвидени во Буџетот беа три. Се откажавте од еден милион денари, кои сега ги враќате за друга намена. Зошто се откажавте од чистењето  од дополнителни 230 метри. Исчистени се 20 отсто од вкупната должина на пресушената река. Потребно е да се исчисти целата должина. Предвидени се 2,2 километри да се работат три години“- кажа Манасков. 

„Имаме дозвола за работа во период од две години. Со чистењето на Отовичка река има резултати, ќе продолжиме и во наредната година, доколку има потреба  а сигурно ќе има. Не одбегнуваме да продолжиме со чистењето. Не велиме дека нема да го реализираме, има година дена пред нас, има можност да одвоиме средства и продолжиме со работа. Не се откажуваме “ – одговори Петре Цилаков, раководител на сектор за животна средина во Општина Велес.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали имаше реални попусти за „црниот петок“?

  • да
  • не
  • зависи од дуќанот
Резултати