Петар Печков
Објавено: понеделник, 28 октомври 2024
До крајот на месецов планинарскиот дом во Папрадиште треба да се испразни и досегашниот корисник, еколошкото друштво „Зелена сила“, да се исели и објектот го врати на сопственикот. Така пишува во писмото што локалната власт Општина Чашка, која е сопственик на објектот, го испратила до невладината организација.
„Објектот на старото, ограбено, заборавено, уништено и повеќе од четири децении напуштено поранешно училиште блесна во прекрасен планинарски дом, кој низ децениите стана прибежиште на илјадници планинари од четири континенти, но сега мора да го напуштиме. По 20 години макотрпна работа, нашиот концесиски договор со Општина Чашка истече. Без тој планинарски дом денес е незамислива ниту една планинарска и топографска карта“, кажа Игор Смилев, поранешен претседател на ЕД „Зелена сила“.
Тие стопанисуваа со објектот од 2004 и со проект финансиран од Светска банка го преуредија и реновираа за да стане омилено место за престој на планинари и љубители на природата. Договорот истекува до крајот на месецов и тие мора да ја напуштат поранешната училиштна зграда во селото, сега планинарски дом.
„Ги изградивме канализацијата и плоштадот во селото со сопствени средства, маркиравме километри планинарски патеки по Јакупица. Го оживеавме селото Папрадиште, кое го вративме на мапите за алтернативен туризам. Ги вративме посетителите и туристите во Папрадиште и бевме добри домаќини“ додава Смилев.
Градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски, вели дека договорот заврши, а Советот на Општината ќе одлучи што понатаму со објектот.
„Минаа 20 години од договорот, заврши рокот за користење. За овој период, согласно договорот, корисникот за негово располагање не плаќаше ниту денар. И да сакам не можам да дозволам да се користи и натаму, бидејќи правам дело кое може да се санкционира. Советот може да реагира или друга институција. Објектот е општински, не е моја сопственост и во законто за локална самоуправа пишува дека градоначлникот е должен да се грижи за имотот. Затоа објектот прво ќе биде проценет, па Советот на Општина Чашка ќе одлучи дали ќе го даде на изнајмување или продажба. Кој сака потоа ќе може да конкурира на јавен повик за натамошно користење или купување“, рече Стојановски.