Петар Печков
Објавено: вторник, 09 септември 2025
Полни чекалници, нервозни пациенти, „мој термин“ не работи, таква беше сликава низ чекалниците на матичните доктори, кај докторите во болниците, секаде претпладнево во Македонија. Без исклучок состојбата била иста и по градови и по примарна и секундарна здравствена зазштита.
„Може ли по три неработни дена, денес прв работен, вторник, да не работи „мој термин“. Чекаме да не прими докторот, тој вели не може, не функционира „мој термин“. А сите имаме по некој здравствен проблем, не можеме лек да добиеме“ – вели пациент кој чекаше во чекалница во приватна здравствена установа во Велес.
Слична била состојбата и кај докторите во велешка болница, пациенти кои имале закажано, не можеле да бидат прегледани. На онкологија во Скопје не се работеле тумур маркери.
„После продолжен викенд, кога има секогаш наплив на пациенти, „мој темин“ не функционираше. Не можевме да ги прегледаме пациентите не по наша вина, а тие незадоволството го искажуваа кон нас. Не можевме да ги пратиме на специјалист, да пишеме лекови, да одат на проверка на крвна слика. Се создаде многу нервоза, многу пациенти, лош почеток на работата недела“ – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија.
Таа за ваквата состојба реагирала до Фикрет Шабани, директорот на системот „Мој термин“. Тој потврди дека се судруваат со проблем, но за разлика од матичните, кои велат дека системот не фукнционирал, тој објаснува дека работел.
„Имамве проблем од утрово со мој термин, кој беше успорен. Тоа е од таму, каде е целиот систем, во факултетот ФИНКИ. Се работи да се пронајде проблемот. Мој термин работи, но многу успорено. Установи, пациенти немаат трпение да чекаат. Очекуваме извештај од ФИНКИ, каде се наоѓаат серверите, да видиме во што е проблемот. Водиме постапка за нов дата центар“ – кажа Шабани.