Петар Печков
Објавено: петок, 15 мај 2026
Велешанката Стојна Стојанова ја промовираше нејзината прва стихозбирка насловена „Живот“. Тоа е интимен дневник во стихови, создаден со желба да се споделат мислите и вредности кои авторката ги носи со себе.
„Сакам да ви ги подарам моите песни, кои ја красат, греат мојата душа, кои се мојот живот. Затоа никогаш не сум сама и не сум несреќна. Во нив има толку многу љубов, што се чувствувам среќна и млада. На крилата на љубовта велат секоја жена сјае. Причина да почнам да создавам се моите внуци. Секоја причина треба да започне со љубов. Тука се и моите деца, мојата најголема инспирација. Секој збор е мисла на нив, за нив, до нив, од нив. Тука е мојот сопруг, мојата сигурност, мојот мир, мојата љубов. Моите песни треба да се проживеат па да се напишат“ – рече Стојанова во нејзиното интимно и искрено обраќање на промоцијата.
Стихозбирката Стојанова ја посвети на сите кои искрено и длабоко ги сака во себе. Позитивниот одек од приемот на првата книга, биле повод таа да почне да го создава нејзиното второ дело.
„Книгата претставува емотивна збирка од лични песни, размисли и пораки за животот, мајчинството, љубовта, семејството и човечките вредности. Авторката на искрен и топол начин се обраќа до блиските преку едноставни зборови изразува длабоки чувства. Секоја песна е посветена на различна тема –верба, надеж, љубов, подароци, тишина, простување. На овој начин нејзините стихови се патувања низ животот, низ радосни и тажни моменти, кои носат среќа и тага“ – кажа промоторката Анета Шијакова, рецензент на книгата.
Книгата е отпечатена во „Ива 2003“ Велес. Стојанова по професија е дипломиран економист. Неа јавноста ја помни и како кошаркарка на КК Борец. Промоцијата се одржа во Ликовниот салон.
