Романот „Коста Солев смртопис“ на театарскиот режисер Наум Пановски е добитник на Рациновото признание за 2026 година (видео)

Петар Печков

Делото на  Наум Пановски македонски режисер и театролог  „Коста Солев смртопис“ е годинашен добитник на Рациновото признание за 2026 година. Ова е одлука која со мнозинство гласови ја донело жирито проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лорета Георгиевска Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева Димова. 

Во емотивното обраќање на прес конференцијата Шелева кажа дека тоа не е книга за смртта на поетот, туку за животот на Рацин. Посебно ја радува што насловната страница од книгата е со фотографија на поетот каде е тој насмеан, во грнчарската работилница,  што е реткост од достапните зачувани негови слики. 

„Романот е дело за национално преиспитување. Тој се заснова на проверени факти, документарни наоди, посветена истражувачка работа, која претходела на создавањето на ова ангажирано книжевно дело, посветено на Коста Солев како книжевен лик но и симбол на националната трагика на македонците. Во романот е расветелен уделот во неговиот живот на  две образовани млади жени, Невенка Вујиќ и Марина Попиванова.  Со нив Коста ги споделувал и градел неговите прогресивни идеи, неговиот поглед кон светот, замислата и борбата за класна борба во општеството.   Наместо сензационалистичко објавување на имиња на конкретни егзекутори, авторот на крајот порачува, сите ние носиме одговорост за неговата трагична смрт, без преседан во поновата македонска историја. Затоа и вината станува колективна“ – кажа проф. Шелева.  

Таа ја цитираше последната реченица од романот. „Го убивме сите со нашиот молк. Со  тоа какви сме, за никој никаде, сервилни и поткупливи, со свиткан грб по кој  удира кој како стигне, ние само молчиме“. 

„Оваа книга е лауреат, оти покренува прашања кои се важни за нас. Не нешто што е важно оти е биографски, со многу детали од животот на Коста  Солев, туку метафора како се однесуваме кон генијот. Романот го прочитав како ракопис, се додека во нашата средина, посебните, избраните, талентираните, не го најдат своето место туку се замолчувани, ќе имаме проблем со себе а не со другите“ – кажа проф. д-р Лорета Георгиевска Јаковлева. 

Наградата ќе му биде врачена на 15 јуни, понеделник на отворањето на 63 издание на Рациновите средби, на сцената на велешки театар. За Коста Солев ќе беседи академик Катица Ќулавкова. 

На конкурсот за Рациново признание пристигнале пријави за  25 дела, една била елиминирана оти  била пријавена и лани. Во потесен избор за наградата  влегле и книгите: „Понекогаш се враќаат“ од Димитрие Дурацовски,  „Толку темно“ од Сашо Димоски, „Ништо нормално “ од Симона Јовановска и  „11 проверени начини како да ја зафркнеш љубовта “ од Драгана Лукан Николоски. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Кој ќе биде нов светски првак во фудбал?

  • Англија
  • Аргентина
  • Бразил
  • Германија
  • Португалија
  • Франција
  • Шпанија
  • некоја трета репрезентација
Резултати