Петар Печков
Објавено: вторник, 12 август 2025
На Театарот во локалитетот Стоби во тек се истражувања под седиштата во западната половина на гледалиштето. За таа цел отстранети се мермерните блокови, дислоцирани се долу, се вршат одредени археолошки истражувања и во септември да се вратат назад во гледалиштето.
„За прв пат се истражува под седиштата во западната половина на гледалиштето, каде што во мал дел беа потонати мермерните блокови и беа отстранети со кран. Истражувањата ќе ни овозможат да "влеземе" во времето на изградбата на театарот, преку слоевите и предметите што ги оставиле римските градители зад себе: керамика, стакло, монети. Слични ископувања во 2012 година открија градежни ознаки и римски броеви со кои мајсторите го планирале секој детал. Очекуваме и оваа година возбудливи откритија“ – рече Гоце Павловски археолог.
По завршувањето на истражувањата, сводот ќе биде реставриран, а мермерните блокови, вратени на своето место. Со тоа комплетно ќе се заврши конзервацијата и реставрацијата на овој дел од театарот. Се најавува дека следната година може да ги прими првите гледачи за сценско –музички настани, кои се одржуваа тука до пред десетина години. Еден од нив беше Фестивалот на античка драма Стоби.
Пролетва се спроведоа обемни активности за чистење, стабилизација и реконструкција на мермерните елементи, сѐ со цел театарот повторно да заживее како простор за јавни настани. Се изврши конзервација на сите сочувани мермерни елементи од гледалиштето на театарот. Седиштата биле пропаднати, небезбедни за публиката.
Извршено е чистење на мермерните блокови, кои сега се бели. Нечистотијата е резултат на близината на автопатот и интезитетот на сообраќајот по него, како и издувните гасови кои ги емитуваат возилата.
Театарот бил место каде се одржувале гладијаторски и венаторски борби, мимички претстави и хорски изведби. Капацитетот бил околу 7 600 гледачи. Мермерот за седиштеа бил од близината на Прилеп. Во средината на II век бил комплетно изграден театарот со гледалиштето и прекрасната сценска зграда.
На седиштата има врежани фамилијарни и индивидуални имиња на реномирани граѓани на Стоби, кои секогаш имале резервирани места. Кон крајот на третиот век, театарот бил оштетeн од силен земјотрес, по што следеле поправки.
На крајот од IV век театарот излегол од употреба и служел како извор за градежен материјал. Најголем дел од мермерните седишта биле употребени во новиот градски бедем како и во подоцнежните христијански базилики.