Петар Печков
Објавено: вторник, 07 април 2026
Околу сто педесет граѓани денес на 7 април, Светскиот ден на здравјето, во Велес ја проверија нивната здравствена состојба преку мерење на крвниот притисок и шеќерот во крвта. Настанот беше организиран од ЈЗУ Општа болница Велес и се одржа на платото пред велешки театар, каде имаше два пулта, кои го задоволија покажаниот интерес.
„Околу осумдесет отсто од извршените контроли беа граѓани со повишен крвен притисок а десет отсто имаа зголемено ниво на шеќер во крвта. На сите нив им препорачавме да ги посетат нивните матични доктори. Целта преку овој настан е да ја подигнеме свеста за превенцијата. Превентивните прегледи се клучни за рано откривање на многу заболувања, особено на дијабетес и хипертензијата. Тие се развиваат без јасни симптоми. Со вакви активности сакаме да ги охрабриме граѓаните редовно да го проверуваат своето здравје и навреме да побараат медицинска помош. Грижата за здравјето не започнува кога ќе се појави проблем, туку порано со редовни контроли и здрав начин на живот“ – кажа д-р Анамарија Џунџева од Општа болница Велес.
Годинашново мото, порака на акцијата беше „Превенцијата спасува живот“.
Одбележувањето на 7 април Светскиот ден на здравјето во велешка болница продолжува утре, среда, кога во 11ч. ќе бидат претставени ново набавените медицински апарати.
