Петар Печков
Објавено: вторник, 14 октомври 2025
Со волонтерска активност, невладината и непрофитна организација „Хабитат Македонија“ одбележа 20 години постоење. Јубилејот беше одбележан на 10 октомври најпрво со свечена академија во Филхармонијата, а преку викендот со волонтерски ден на градилиштето на седмата зграда „Хабитат“ во Велес. На градилиштето како волентер дојде и работеше и претседателот на Собранието Африм Гаши.
„Собранието има едно мото: „Собрание дом за сите“ и „Хабитат фор хјуманити интернешенал“ има свое мото – „Секаде во светот, достоен дом за сите“, така што ни се поклопуваат овие две пораки, секаде каде што луѓето имаат потреба од дом или од покрив над глава, сите ние, како политичари, новинари и граѓани, треба да придонесеме за да го имаат тоа во својот живот. Тука сум за да ги промовирам овие вредности, да помогнам и да кажеме дека како држава и како собрание и јас лично сме тука и секогаш ќе помагаме да се постигнат овие цели“ – изјави Гаши.
Во оваа зграда, седма од единаесетте предвидени со ДУП-от ќе се обезбедат домови за 16 велешки семејства со послаби примања. Таа треба да бдие готова до средината на идната година.
„Нашиот 20-годишен јубилеј работно го одбележуваме. По тој повод, имаме гости, кои се придружија на овој настан со волонтерска работа како што и досега, во изминатите 15 години, го правеа волонтерите во Велес. Овој Волонтерски ден е можност да ни се приклучат и официјални лица и да ги поддржат визијата и целите на „Хабитат фор хјуманити интернешенал“ – рече Зоран Костов, претседател на Управниот одбор на „Хабитат Македонија“.
„Хабитат Македонија“ е невладина и непрофитна организација посветена на обезбедување едноставни, пристојни и пристапни решенија за живеалишта на оние што живеат во услови на сиромаштија, без разлика на нивната етничка, полова и религиозна припадност. Преку оваа програма покрај тоа што се изградени станови за социјални случаи, реконструирани се и голем број фасади на станбени објекти.