Петар Печков
Објавено: понеделник, 09 јуни 2025
Првото авионско третирање против комарци за оваа 2025 година ќе се изврши на 12 јуни четврток во раните утрински часови. Доколку временските услови не дозволат извршување на авионско прскање, истото ќе се изврши првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови.
„Со третирањето ќе биде опфатено целото градско и приградско подрачје, како и целото течение на реката Вардар на овој потег. И оваа година ќе се третира рекреативниот центар Езеро Младост со непосредната околина. Се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите“ – информираа од Општина Велес.
Третманот се врши со средство AKVA K–OTHRINE 2 EW, биоциден производ на производител BAYER ENVIRONMETAL SCIENCE SAS, од Франција.
Границата, на третирањето е: Езеро Младост, Отовица, месност Јарбош, по течението на Вардар од север од Башино Село низ Велес, се до вливот на реката Бабуна и Горно Караслари. На запад границата започнува од населбата Превалец, преку населбата Керамидна кон фабриката „Киро Ќучук“ и Горно Оризари.
Дождливиот период, беше причина годинава првото авионско прскање да биде подоцна од претходните години.