„Гугл“ и „Фејсбук“ во војна со велешките про Трамп портали

Петар Печков

Компаниите „Гугл“ и „Фејсбук“ потклекнаа на притисоците на јавноста и ги забранија веб-порталите што одиграа улога во победата на Доналд Трамп на изборите во САД. Како што јавија дел од  светските медиуми, околу 150 такви лажни портали само во Велес, што објавуваа измислени вести во корист на Трамп, веќе нема да можат да функционираат на овие две платформи.

„Фејсбук“ се обврза дека ќе им го запре пристапот до рекламите и со тоа ќе им го одземе главниот мотив за постоење, а „Гугл“ отиде чекор подалеку најавувајќи дека ќе ја ангажира цела човечка и вештачка интелигенција со која располага за да ги открие и отстрани веб-страниците што објавуваат лажни и навивачки информации.

Изминатиот период  градот Велес стана светска вест и со овој феномен се занимаваат многу медиуми, компании, па и служби, за  американскиот „рецепт“ со Трамп  кога политичката кампања се претвори во војна со лажни информации на социјалните мрежи.

Дека не станува збор за епизода, туку за тренд потврди денеска и информацијата дека група вработени во „Фејсбук“ се организираат за да се спротивстават јавно на сопственикот Марк Цукерберг по неговите тврдења дека е „луда“ идејата дека неговата социјална мрежа имала такво влијание на исходот на изборите во САД, бидејќи 99 отсто од содржините на неа се автентични.

Напротив, вработени од компанијата тврдат дека и самиот Цукерберг е свесен за влијанието што го има „Фејсбук“ на изборите и, уште повеќе, дека со тој аргумент неговиот тим ги продавал нејзините можности во Вашингтон. Агенциите што се занимаваат со истражување на популарноста на веб-сајтовите објавија дека дури 60 отсто од Американците во САД се информираат главно преку „Фејсбук“ и дека само оваа мрежа, да не се споменуваат и „Гугл“ и „Твитер“, има 200 милиони корисници. 

„И да е точно дека само еден отсто од вестите биле лажни и измислени, тоа е еден тон од дезинформации“, беше оцената на еден експерт за овие прашања, според кој уште пострашно е што анализите покажале дека лажните стории се неколкукратно повеќе читани од вистинските. откривањето на скандалот сега ги загрозува нивните бизнис-позиции бидејќи компаниите што се огласуваат кај нив не сакаат да се појавуваат на вакви сајтови.

За илустрација како изгледа тоа, треба да се споменат некои вести објавени на нив, како таа дека Хилари Клинтон е во љубовна врска со нејзината советничка од арапско потекло, дека Русија ја ставила Клинтон на црната листа, дека нејзината фондација купила илегално оружје во вредност од стотици илјади долари, дека Трамп победил со мнозинство на гласовите (а мнозинство гласови доби Клинтон со речиси еден милион разлика), дека папата застанал зад Трамп, па и такви дека двајца црнци запалиле двајца белци со бензин, теми кои исто така одат во прилог на страстите на кои добиваше Трамп.

Колку и да ни изгледа нам ова како забавна содржина, политичкиот естаблишмент во САД и низ Европа се уплаши од ефектот на овие лажни сајтови врз регуларноста на изборите, бидејќи тие најдобро виреат на поттикнувањето лаги, расизам, национализам и фрустрации.

„Гугл“, притиснат од јавноста, објави исто така дека ќе ги забрани и сајтовите чии издавачи се нејасни или лажни, а следниот чекор треба да биде и преиспитување на точноста на содржините. Сите реакции вчера на одлуките на овие компании беа дека и најавените чекори се недоволни, но мора да се тргне од некаде.

Тоа најдобро го опиша поранешен веб-дизајнер на „Фејсбук“, Боби Гудлејт, кој за американските медиуми изјавил дека „произведувачите на информативно ѓубре се наголемо ангажирани, но надвладувањето на вистината не е недостижна цел“. Сепак, според него, „веќе е јасно дека демократијата ќе страда ако нашето медиумско опкружување не' снабдува со вакво информативно ѓубре“. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати