Петар Печков
Објавено: вторник, 18 август 2026
Екологистите со реакција, откако велешани 45 дена во континуитет а 52 за три месеци, не знаеја каков воздух дишат. Толку време не работеа мерните инструменти на Министерството за животна средина и не се покажуваа часовните и дневните вредности.
„Во Велес често зборуваме за подобар и поздрав живот, но како да го постигнеме тоа ако ги отстрануваме токму механизмите што треба да ни покажат каков воздух дишеме? Мерните станици не се луксуз, туку основа за заштита на здравјето и животната средина. Кога тие не работат, не исчезнува загадувањето – исчезнуваат податоците за него. Со нефункционални станици ја губиме и базата врз која треба да се носат одлуки, да се утврдуваат изворите на загадување и да се бара одговорност. Ако навистина сакаме подобар живот во Велес, не ни треба помалку мерење и помалку податоци, туку повеќе транспарентност, функционални мерни станици и јавно достапни податоци. Не можеме да го решиме проблемот со воздухот ако прво престанеме да го гледаме“ – кажа Стевче Дечев еко активист од фондацијата Импакт.
Мерните инструменти не ги покажуваа вредностите за Велес од 1 јули до 14 август попладне и седум дена во јуни. Апаратот е лоциран во дворот на детската градинка во населбата Тунел, веднаш покрај регионалниот пат Велес- Чашка - Извор -Богомила.
