Алејата на борците и годинава на листата на чекање

Петар Печков

Три години се чека  за се постави Алејата  на борците  од Велес, но од најавите досега  ништо. Таа е предвидено  да се постави  пред скалилата од Спомен Костурницата.  Откако на почетокот од  годинава заврши санацијата на овој објект, градоначалникот тогаш  најави  дека локалната власт ќе  ја уреди околината, но  и да го сочува објектот.  

Во периодот  кој измина, согласно одлуката на Општинскиот Совет,  требаше просторот да се осветли, хортикултурно да се уреди, да се постават видео камери, да се постават бистите на  Народни херои и загинатите борци  од Велес    и да  бидат вратени и бакарните плочи во предворјето на објектот,  со имињата на сите паднатите борци и граѓани во НОБ.  

Минатата година беше објаснето дека  се чека да заврши санацијата на Спомен Костурницата, откако тоа заврши, годинава се  јавил   нов момент кој треба да се реши. До локалната власт стигнала иницијатива, од група анонимни граѓани, посмртните останки на поетот и револуционер Рацин да бидат издвоени и поставени засебно, надвор од депото каде се чуваат заеднички на сите  починати учесници  во НОБ. 

Дадовме налог за работа, но до нас стаса друга иницијатива. За тоа побаравме мислење од Сојузот на борците  и од  дел фамилиите. Сакаме постапката да биде транспарентна, обврзани  сме со одлука на  Советот која е официјална, но чекаме и позитивно  мислење од тие што побаравме. Кога тоа ќе заврши ќе излеземе пред јавноста со конечното решение – изјави градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.

Местото на локацијата каде ќе бидат поставени бистите е  на платото каде почнуваат скалите, бидејќи Спомен Костурницата е споменик на културата од највисок степен и на неа не е можно да се вршат никакви интервенции и дополнувања, без консултации со авторот. Поради кражба на  електрични кабли, Спомен Костурницата е  неколку години   во мрак а украдените плочи со имињата на паднатите борци   беа пронајдени.  

Освен што ќе треба да се осветли Спомен Костурницата, потребно е да се постави и наводнување за големата зелена површина во околината. По иницијатива на Општинската организација на Сојузот Борците  од НОВ, Општина Велес во летото 2012 гдоина ги дислоцира 12  спомениците на паднатите велешки борци од јавно -прометните површини во градот.

Ова дојде  откако тие  претходно беа мета на несовесни граѓани, беа уништувани, крадени, фрлани,  а се наоѓаа во Младинскиот парк, дворот на Гимназијата „Кочо Рацин“ и Паркот на Хероите. Тие се отстранети и  времено  се депонирани во Спомен -костурницата.  

Изминатите 20 години бројни споменици на борците од НОБ преку ноќ исчезнаа од Велес. Се крадеа за потоа да завршат во некои од откупните центри, како старо железо, други пак завршува во реката Вардар, едни се пронајдоа други не. Овие 12 спомен бисти, меѓу нив и на народните херои   Благој Страчков и Димче Мирчев, кои треба да  бидат поставени, Сојузот на Борците од Велес бара да се приклучат и бистите на Нонча Камишова, која е во дворот на некогашната фабрика Свилара а која сега нема допирни точки со неа, како и бистата на Васил Антевски Дрен која се наоѓа на истоимената железничка станица близу Богомила а која ја гледале само  малкумина патници. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати