Петар Печков
Објавено: сабота, 22 ноември 2025
Кавадаречката полиција го уапси српскиот трубо фолк пеач Александар Вукасановиќ, познат како Аца Лукас, затоа што настапувал во Кавадарци во локал без потребна дозвола. Настанот се случи ноќеска, петок кон сабота по полноќ.
„На 22 ноември во 00:10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го приведоа А.В. (57 год ) од Република Србија. При вршење на акциска контрола во угостителски објекти на подрачје на Кавадарци, од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделение за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од Регионален центар за гранични работи Југ, било констатирано дека во угостителски објект во Кавадарци А.В.настапувал без потребната дозвола“ – информира Биљана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.
Против Лукас била поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци. За трубо фолкерот била пуштена прекршочна пријава во Основен суд Кавадарци. Од Основен суд Кавадарци за ТрМр соопштија дека на Аца Лукас му била изречена парична казна во висина од 50 евра.
При контрола во локалот каде тој настапувал, освен полиција биле присутни и неколку инспекции, Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Управа за јавни приходи, кои констарирале повеќе неправилности, незидавање на сметки, пушење во затворен простор, поголем број на лица од дозволениот.
„При контролата во угостителски објект каде бил настапот на гостинот, констатирани се прекршоци од страна на УЈП за неиздавање на фискална сметка, прекршок согласно Закон за пушење, a од страна на ДПИ е констатирано дека во објектот се присутни поголем број на гости од дозволениот број, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“ – дополни Ѓаковска.
Додаде дека Министерството за внатрешни работи во соработка со другите надлежни институции, ќе продолжи и во наредниот период со зајакнати акциски контроли на територијата на целата држава, со цел санкционирање на било какво кршење на законите.
