Петар Печков
Објавено: петок, 07 ноември 2025
Основното јавно обвинителство Велес донело Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице Д.Ц. (43 год) за кое постои основано сомнение дека бил соизвршител во кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик. Законот за ова дело предвидува казна затвор од најмалку пет години.
„На 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот заедно со уште едно лице кое се уште не е идентификувано, го лишиле од живот велешанецот Ѓело Ѓошев. Најпрво осомничениот го намамил и со својот автомобил го однел оштетениот на локацијата. Потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која жртвата починала. Осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката“ - информираа од ОЈО Велес.
За јавниот обвинител јасна била опасноста од бегство, можноста за влијание на сведоците и ризикот да го повтори делото, па доставил предлог за определување мерка притвор. Судија од претходна постапка од Основен суд Велес, му одредил мерка пртивор од 30 дена.
Се најавува дека интензивно се работело на откривање и на другиот соизвршител, како и на точните мотиви за убиството.
СВР Велес ден претходно објави дека е пронајдено починато лице во атарот на село Бусилци. На прашањето дали е точно дека има прострелна рана и се работи за убиство, одговор немаше.
Пријавата дека е пронајдено починато лице со рана од куршум во чело, е во средата на 5 ноември во 14ч. Починатиот Ѓошев го проналош локален овчар кој го прекрил со гунче и потоа повикал полиција.
