Отстранета е авионската бомба од Втора Светска војна која подземно експлодираше во центарот на Велес, надлежните велат нема место за страв (фото видео)

Петар Печков

Отстранет е дел од авионска бомба од 200 кг. која беше пронајдена во центарот на Велес, при градежни активности. Таа билa активирана при вршењето на ископ на објектот во изградба.

По експлозијата остана само главата на бомбата, која беше тешка околу стотина килограми, имала екслозив но не и детонатор за да се активира. Надлежните ги смируваат велешани,нема место за страв и паника.  

„Тоа е авионска бомба од Втора светска војна, тешка околу 200 кг. Активирана е при градежни дејствија и тоа на три метри длабочина. Истата била исфрлена при бомбардирање на мостот и железничката пруга кои се во близина. Затоа нема потреба од стравување дека ќе се најдат и други. Градежната фирма која работи ќе добие и документ дека може да продолжи со  работните активности“ – кажа Зоран Пеев деминер во Дирекцијата за заштита и спасување.  

Велес во перидот 1941-1944 бил бомбардиран од нацистичка Германија при освојувањето на градот 7-8  април 1941, имало и бројни цивилни жртви, некаде околу педесетина лица. Бил бомбардиран и од сојузниците- Англија, неколку дена по влегувањето на Германците во Велес.

Авионската бомба екслодирала во четвртокот 9 октомври во 10,15ч. Соседите не слушнале детонација, но затоа се почувствувал силен потрес, како земјотрес. И денес се чувствуваше силна миризба на амонијак.

„Немаше експлозија, но затоа тука од блиската зграда неколку лица побегна од канцелариите надвор на отворено. Не знаевме што се случува, додека не објави локален медиум“ – вели жител на блиската куќа.

Потресот го почувствувале и вработените од зградата на Основен суд Велес. 

Велешката полиција информацијата за експлозијата ја објави во петокот попладне. 

„На 9 октомври во 15:00 часот во СВР Велес, од градежна фирма од Велес е пријавено дека во 10:15 часот на улица „8 Септември“ во Велес, при извршување на градежни работи за зградба на подземна-катна гаража, се случила подземна детонација“ - соопшти Биљана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес. 

Се до денес, додека не дојде стручно лице, за отстранување на бомбата, објекот беше затворен, не се изведуваа градежни работи а го чуваше и полицијата.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Чиј настап на Питијадата најмногу ви остави впечаток?

  • Калиопи
  • Северина
  • Бајага
Резултати