Петар Печков
Објавено: вторник, 17 септември 2024
Со само шест вработени велешкиот Народен музеј едвај ја извршува редовната работа. Состојбата од година во година е се полоша, возрасните заминуваат во пензија, дозвола за вработување на млади нема. Поради ова се затвораат одделенија. Директорот Коруновски пред членовите на Советот на Општина Велес, образложи зошто се потребни итно нови вработувања.
„Како што разговаравте за езеро Младост и негов спас, ние сме во слична состојба. Така и нас овие 10- нови вработувања ни се итно потребни, за опстанок, не за некоја поголема дејност. Секоја година губиме по некој вработен по основ на пензионирање, за нови нема согласност. Нема вработени, затвораме клучни одделенија, етнологија, историја. Надлежни сме за 11 објекти“- кажа директорот АнгелКоруновски, пред членовите на Советот на Општина Велес, барајќи 10 вработувања за следната година, што му беше едногласно одобрено.
Но согласност треба да дадат и Министерството за култура, каде е министер Зоран Љутков, кој до пред два месеци беше претседавач на Советот на Општина Велес и го знае овој проблем, како и министерството за финансии.
Како дел од Народниот Музејот Велес се и Спомен куќа на Коста Солев – Рацин, Спомен куќата на Васил Главинов, Спомен Костурница на паднатите борци од Велес и Велешко во НОБ и Меморијалниот музејски комплекс во село Горно Врановци со пет куќи. Дадени на управување од локалната власт на Велес се и Ликовниот салон, Куќата на Касапови, Куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот. Вработените од Народен мзуеј Велес се грижат и за поставките на спомен собата на Петре Поп Арсов во Богомила, и спомен собата на поетот и револуционер Коле Неделковски во село Војница, кои се во надлежност на Општина Чашка.