Петар Печков
Објавено: понеделник, 12 мај 2025
И покрај штетите кои го предизвиока мразот и снегот во март и април, во Општина Велес нема пријави од овоштари. Такви пријави нема ниту во Општина Чашка, иако овоштарите од поширокиот велешкио регион реагираа на оштетувањето, кое предизвика помал род.
Пријави за штета досега стигнеле 914, најмногу во Росоман 570, по 160 во Демир Капија, 107 во Неготино, 77 во Градско и 76 во Кавадарци. Дел од нив се и за измрзнати лозја. Пролетните мразови го уништија родот на овошките, кој беше во фаза на цветање. Бројките покажуваат дека најголемиот одгледувач на праски, кајсии, цреша во земјава, регионот на Росоман, годинава има големи штети.
„Ова е голема бројка, што укажува дека родот е уништен кај голем број овоштари. Праска, кајсија, цреша ќе има многу малку род, од повисоките делови во општината каде цветот уште беше во рана фаза. Осигурителните компании не осигуруваат од штета од мраз, така што сме, оставени на природата“ – вели овоштар од Росоман.
Дел од одгледувачите песимисти, дека ќе бидат обештетени и не се пријавиле. Посочуваат примери од минатото, кога не добиле надомест.
„Кога пред десетина години исто фати мраз, ни ветија дека ќе не обесштет да не плаќаме водна заедница, за наводнување. Не плаќавме, но по некое време стасаа сметки и по толку време, не дадоа на суд, даден сум на извршител за долг од неплатени сметки. Уште не сме обештетени од сушата во летото 2023 година која настана поради хаваријата на водоснабдителниот систем Макарија“ – вели друг овоштар од Росоман.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски пред еден месец ги повика овоштарите да ги пријават настанатите штети од ниските температури, општинските комисии навремено да ги сработат сите барања и проценки, направени на терен. Најави дека Владата ќе излезе во пресрет и ќе ги обесштети сите кои што претрпеа штета од годинашните пролетни ниски температури.