Петар Печков
Објавено: понеделник, 01 септември 2025
Во сите седум основни и трите средни, општински училишта во Велес, велешките советници изгласаа да има паралелки со помал број на ученици.
Претходно и Министерството за образование дало писмена согласнсот, согласно законската можност „Паралелка може да се формира и со помалку од 20 ученици по добиена согласност од основачот“.
Сите одлуки членовите на Советот на Општина Велес ги донесоа едногласно. Или во општина Велес во седум основни училишта има 92 паралелки со помал број ученици. Некаде ќе учат и по двајца и тројца ученици во паралелка.
Најмногу има во ОУ Панко Брашнар со 25 паралелки, каде ги нема само во трето и шесто одделение. Во подрачните училиште на територијата на ова школо има по три во Башино Село и во Караслари и едно во село Челошово.
Во ОУ во село Иванковци во сите девет години има по еден клас со помал број ученици, при што во шесто одделение има само двајца ученици. Во подрачните училишта во Сојаклари ќе има четири паралелки со помал број ученици а во Отовица една. Годинава нема да се одржува настава во село Мамутчево, поради малиот број на ученици.
Во ОУ Лирија во Бузалково ќе има девет паралелки со помал број ученици од 20, и пет во подрачното во село Клуковец каде во трето одделенеи ќе учат три ученици, и четири паралелки во село Сливник.
Во ОУ Васил Главинов има осум, но и шест паралелки во подрачните училишта во Раштани и Превалец. Комбинираната паралелка во Раштани од прво, трето, четврто и петто одделение ќе брои осум ученици.
Во ОУ Св. Кирил и Методиј има шест паралелки и три во училиштето во село Црквино.
Во ОУ „Рајко Жинзифов“ од Горно Оризари има пет паралелки со помал број ученици.
Најмалку има ОУ Блаже Конески две со помал број ученици и тоа во 9-то одделение.
Во средното Хемиско училиште Димитрија Чуповски има една паралелка со помал број ученици, и тоа со 11 во насоката за месопреработувач и пекар. Во Гимназијата има пет паралелки, од кои едната е на албански јазик каде има запишано 23 ученици. Во економското училиште има две паралелки со помал број ученици, од кои едната е за економски техничар со петмина ученици кои посетуваат настава на албански јазик.
Од почетокот на годината средното училиште „Коле Неделковски“ е државно. Таму годинава нема паралелка со помал број ученици од минимумот 20.
Од 1 септември во прво одделение во седумте велешки основни училишта, требаше денес да тргнат на училиште 556 првачиња. Ова е податокот кој СВР Велес го има за бројот на првоодделенци. Тоа е за 101 прваче помалку од лани.
Во центарот на регионот на Азот, училиштето во Богомила, кое е во општина Чашка, населено место кое до 2005 беше општина, годинава училиштето нема да прими првоодделенец, нема дете на оваа возраст.
Во двете пријавувања од првиот уписен рок во прва година во четирите средни училишта во Велес, запишани беа вкупно 572 ученика, а имаше 735 слободни места. Или пополнети се околу 80 отсто од местата.