Петар Печков
Објавено: понеделник, 16 јуни 2025
Околу деведесетина млади невработени од Велес и велешко, се пријавиле за мерката самовработување. Тие можат да користат финансиска помош од 7 или 10 илјади евра, во зависност од возраста.
На ниво на Македонија бројот на пријавени е околу три илјади и двеста. За негова реализација обезбедени се две и пол милјарди денари. Ова беше кажано на денешната трибина во Велес, каде таа се промовираше.
„Помошта за невработени до 29 години изнесува 10 илјади евра и седум илјади евра за невработени над оваа возрааст. Две млади невработени лица со добар бизнис план можат да добијат 20 илјади евра, ако се до 29 години а над оваа возраст добиваат 14 илјади евра“ – кажа заменикот министер за економија Марјан Ристески.
За оваа мерка можат да аплицираат 16,5 илјади лица кои редовно се пријавуваат во Агенцијата за вработување. Пријавувањето е до крајот на оваа седмица, до петок.
„Со овој оперативен план, прилагодени се потребите на работодавачите, на невработените лица. Годинава имаме највисок буџет и најголем опфат на потенцијални кандидати“ – рече Весна Пешова, заменик директор на Агенцијата за вработување.
Пријавените лица посетуваат задолжителна обука, по што се врши изборот.