Петар Печков
Објавено: среда, 19 март 2025
Доверителите на Фабриката за шински возила Колска ја прифатија програмата за реорганизација на друштвото со што ДПТУ „Трени балкани“ од Босилево ќе управува со неа, откако ќе звршат правните рокови. Рочиштето за одлучување за предлогот и гласање за планот за реорганизација изготвен од должникот, беше донесено на денешното Собрание на доверителите. Стечејното рочиште се одржа во Основен суд Велес. Најголем доверител со преку 51 отсто од побаравуњата е УЈП, конкретно со 80 отсто и гласот на нивниот претставник беше решавачки за иднината на Колска.
„Присутните 96 отсто од доверители со утврдени побарување, одлуката ја донесоа едногласно со 100 отсто. По ова судот треба да донесе решение, по што во рок од осум дена има право на приговор, некоја засегната страна. Потоа станува правосилно, по што течат роковите за реализација на планот за реогранизација“ – кажа стечајниот управник Димитар Аџиев. Стечаен судија во овој предмет е судијката Дара Арсова.
Фабриката за шинска возила Колска има моментално вработени 43 лица. Таа врши поправка на товарни и патнички вагони на железница или фирми кои ги користат услугите на железница.
„Очекуваме дека новиот сопственик ќе ги реализира ветените обврски кон фирмата, ќе инвестира, ќе го одржи бројот на вработени и ќе го зголеми, ќе ги исплати преземените долгови, како и задржување на дејноста на фабриката. Очекуваме дека државата ќе ги исплати заостанатите плати и за јануари и февруари“ – кажа Тони Арсовски претседател на синдикалната организација во Колска.
Долгот на Колска е околу 77 милиони денари од нив 62 милиони се кон УЈП.
ДПТУ „Трени балкани“ од Босилево во преземањето на Колска има партнери од Италија и Албанија. Фабриката за шински возила „Велес“ е меѓу најстарите на Балканот, изградена во 1916 од Германците во периодот на Првата светска војна. Во тоа време била работилница, ја изградиле за нивни потреби, за поправка на возовите кои сообраќале кон Солун и Лерин. Таа денес ги поправа товарните и патничките вагони на „Македонски железници“, но и на приватни компании.