Единаесет објекти, меѓу нив и Спомен костурницата, спомен собите од НОБ во Горно Врановци, сопственост на велешки музеј ги одржуваат четворица вработени

Петар Печков

Велешкиот Народен музеј работи со  11 објекти, од нив 8 се сопственост на културната институција а три се дадени на користење. Сите тие се во одлична состојба, одржувани, сочувани, отворени за посетителите иако за нив се грижат само четворица вработени, плус директорот како именуван орган на раководење.

„По систематизација музејот  треба да вработува 17 лица.  Недостигаат стручни лица,  носители на дејноста,  немаме историчар, историчар  на уметност,  етнолог, конзерватор. Имаме огромни збирки а нема кој да се грижи за нив. Имаме и неколкумина волонтери, но неопходни се итни вработувања. Така ги одржуваме објектите кои ги поседуваме“ - рече Ангел Коруновски директор на Народен  музеј Велес.

Oд овие 11 објекти, дури седум се од „А“  категорија, заштитени од  државата, од национално значење. Тоа се Спомен Костурницата, четирите спомен куќи од НОБ во историското Горно Врановци, родните куќи  на Коста Солев Рацин и Васил Главинов.  Велешкиот музеј  се грижи и за куќата на Касапови,  куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот, Ликовниот салон.

Најпосетувана  е куќата на Рацин од домашните гости а за  странците  привлечна е Спомен Костурницата, пример за бруталистичатка архитектура. Во ризницата на артефакти на велешки музеј се окарината глинен музички инструмент, стар 6.000 години пронајден 2007 на локалитет Мрамор- Чашка од археологот Трајанка Јовчевска и дијадемата од злато која е 2-риот век пред нашата ера, откопана од локалитетот Градиште крај Згрополци од страна на археолог Анита Василковска Мидова.

„Изминатите години се вршеше реконструкција на археолошкото одделение. Таа треба да заврши до крајот на годинава и тогаш овие два артефакти,  но и мноштво други вредни, значајни од национален карактер, ќе бидат поставени  пред јавноста. Обезбедени се соодветни витрини за такви предмети. Набавени  се и монитори за сите збирки кои ги поседуваме“ – кажа Коруновски.

До 2008-та во надлежноcт на Музејот од Велес бил и локалитетот Стоби. Народен музеј Велес е формиран на 24.03.1946 година, по иницијатива на Гимназискиот професор Ѓорѓи Милошев подоцна г.г. Гаврил, третиот архиепископ по возобновувањето на Македонската православна црква.

Во првите десетина години од работата Народен музеј ја покривал територијата од Прилеп, Велес, Повардарието до Гевгелија и збирките со кои располага се со бројни артефакти од централна Македонија. Зградата каде се сместени четирите одделенија е во центарот на градот, датира од 1920 година и е дело на рускиот мигрант архитект Солонцев, кој во Велес има  проектирано повеќе објекти. 

Во зградата, 11 објект на Народен музеј, се сместени историското ,етнолошкото, археолошкото одделение кое е во реконструкција и од неодамна и одделението каде се поставени ликовни  дела кои сопственост на музејот,цртежи и скулптури.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали по три години пауза, Македонија треба да се врати на музичкиот фестивал Песна на Евровизија“?

  • да
  • не
Резултати