Петар Печков
Објавено: петок, 26 септември 2025
Од вчера до 28 септември со по три проекции на ден, во Киноверзум во Велес се прикажува документарниот филм на Тамара Котевска „Силјан“. Филмот има по три проекции дневно, во 14 часот, 16 часот и 18 часот. „Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за Најдобар странски филм за 2026, a неодамна „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци го откупи за прикажување.
Прикажувањето во Велес е за да се исполни условот, филмот да биде кандидиран за Оскар, тој треба да има играно на редовен репертоар.
„Во срцето на руралната Северна Македонија, Никола, земјоделец кој се бори со суровата реалност на новите владини политики, спасува ранет бел штрк од депонија, трансформирајќи ги животите на двајцата на подобро.
Од режисерката номинирана за Оскар, Тамара Котевска (‘Медена земја’), ‘Силјан’ ја оживува приказната за предците во трогателна и визуелно привлечна приказна за тивката моќ на поврзаноста. Доаѓа на ‘Нешнл џиографик документари филмс’ подоцна оваа година. Стриминг на Дизни+ и Хулу“, објави „Нешнл џиографик документари филмс“ на социјалните мрежи.
Котевска има 2 номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој заедно го режираше со Љубомир Стефанов, а кој во 2020 имаше историски две номинации – и за најдобар странски филм и за најдобар документарец. Таму играше Атиџе Муратова, која живееше во селото Бекирлија –Лозово и ја третираше емата на животот со пчелите и медот.
Светската премиера на „Силјан“ беше на 29 август, вон конкуренција за награди во официјалната селекција на 82. Венециски фестивал. Филмот ја доби независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм, една од 42-те различни паралелни награди кои ги доделуваат организации кои не се поврзани со Венецискиот фестивал, за нив одлучува независно жири и за нив се квалификуваат сите филмови кои играат во официјалните програми на Венеција, без оглед дали се во или вон конкуренцијата за награди.
По премиерата, „Силјан“ доби многу позитивни рецензии. Меѓу нив, „Индивајар“ рече дека е „Триумф… Болно прекрасен… Одличен документарец кој е и заносно поетско дело…“. „Холивуд рипортер“ рече дека е „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици“. „Скрин дејли“ вели „Извонредно…импресивно достигнување: прекрасна и нежно меланхолична поезија за еден нежно меѓусебно поврзан екосистем нарушен од притисоците на современиот живот во Македонија…“. „Скрин интернешенел“ вели дека „Силјан“ е „извонредно и импресивно достигнување“ и филм што би можел да биде фаворит на фестивалите и да се најде во трка за награди“.