Петар Печков
Објавено: четврток, 04 септември 2025
Куќата на Аликара во Велес, денес Апасиеви, имала почеток на градежните активности за реконструкција на објектот стар 180 години, по што следи застој. Сопствениците стравуваат дека нема да се случи долго најавуваната обнова.
„Деновиве ги острануваат металните скелиња. Не знаеме што се случува, дали си одат, дали ќе работат. Две години, лани и годинава имаше одборено средства, но минатата година ништо не се случи а годинава не знаеме какви се плановите“ – кажаа сопствениците на куќата.
Од Националниот конзерваторски центар (НКЦ), причината за почнувањето на работите, па сопирањето, ја прецизираат во недоволно изработениот почетен проект, кој бил од пред повеќе години а во меѓувреме состојбата се променила. Се констатирале промени на објектот па морало да се работи на дополнителен проект.
„Во тек се конзерваторско-реставраторски работи. При нив се откриени состојби при кои треба да се интервенира. Тоа се стари објекти. Деновиве се прави дополнителен проект за статичка стабилизација и конструктивна стабилизација на куќата. Штом тоа заврши ќе се продолжи со интервенцијата“ – кажа Александар Јордановски директор на НКЦ, при посетата на куќата.
За реконструкција на куќата. Министерството за култура, преку проект од годишната програма за 2025 година обезбеди четири милиони денари.
Според пишаните документи, куќата е изградена во средината на 19 век, била бегова куќа, подоцна купена од бавчованџијата Аликара, па од Апасиеви. Таа во 2021 година е прогласена за културно наследство во опасност.
Сегашните сопственици, семејството Апасиеви чиј син е лидерот на „Левица“, пратеникот Димитар Апасиев, живеат во неа, на долниот кат, горниот не е безбеден.
На почетокот од 2024, Националниот конзерваторски центар со годишната програма за работа од Министерството за култура доби 1.200.000 денари (околу 19.500 евра) за реконструкција, санација и конзервација на куќата. Но лани не беа преземени никави градежни зафати, ниту пак јавно се кажа зошто не се работеше.