Шест и пол години од опожарувањето на куќата кај Варналиите, досега нема ништо од најавената реконструкција

Петар Печков

При крајот на 2019-та година, на 23-ти  декември изгоре една од куќите во старото градско јадро – Варналиите, куќата на Прнарови. Но и останатите три се во лоша состојба, првата која е празна се заканува да падне во дворот на соседот, каде живее фамилија. 

„По опожарувањето на објектот, направен е концепт за нивна обнова. За 2025 година не беа ставени во годишна програма. Тоа се стари куќи од крај на 19 век“ – кажа  Александар Јордановски, директорот на Националниот конзерваторски центар. 

Но за тоа дали и кога ќе бидат влезени во програма за нивна обнова, остави простор да се зборува  при крајот на годината, оти сега во време на избори, не било во ред да се најавуваат проекти. Две од овие куќи на Рацин и Главинов се во сопственост на Народниот музеј на Велес, а Касапови и Џинот кои пред 20-тина години ги откупи локалната власт се во сопственост на Општината.

При посетата на Велес,  министерот Љутков и директорот на НКЦ Јордановски имаа можност да ја видат и куќата на Шоптрајанови, која е пример на старата архитектура, но сега е во фаза на распаѓање. За неа беше кажано дека треба да се изврши увид во сопственоста, за да може да се зборува за нејзина санација.  

На спомен куќите на Рацин, Главинов, Џинот, Касапови  во Велес, им е потребна обнова но  тие  и  да живеат, редовно да примаат посетители, да бидат исполнети со настани. Иако се во добра кондиција, сочувани, времето и годините од последната реконструкција оставиле трага. На куќата на Џинот во приземјето забележливо е дека влагата ги  оштетила ѕидовите. 

Во Велес, од 72 заштитени куќи според архитектонското значење колку што ги имало на списокот во 80-тите години на минатиот век, само уште во десетина живеат семејства и се употребливи, корисни и зачувани. Останатите се претворено во камен и прав, или  се разрушени.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ги поднесувате пеколните температури, кои стасаа до 41 степен?

  • не излегувам од дома
  • се освежувам во базените од хотелите/ градски базен
  • додека е рано претпладне се завршуваат обврските
  • и на ова време мора да се живее
Резултати