Петар Печков
Објавено: петок, 12 декември 2025
Археолошките истражувања на Стоби во 2025 година завршија. Археолозите на шега порачаа, „И оваа година не го најдовме Александар, ама не го ни баравме“. Деновиве се прекрија бројните мозаици, заштита од ниските температури и тие ќе бидат откриени напролет, во април.
Карактеристика на јавните објекти од локалитетот Стоби, од тоа што досега е откриено, е што имаат прекрасни мозаици. Тие од Епископската базилика се одамна познати, летово се работеше на Градбата со Арки и на Теодосијанската палата.
Завршени се истражувањата на Градбата со Арки во локалитетот Стоби, репрезентативен објект со богато украсена сала, која потекнува од 2 век. Откриено е дека ѕидовите биле декорирани со мермер во различни бои, кои потекнуваат од Македонија, Тесалија и Мала Азија. Станува збор за импресивна градба чија декорација археолозите ја проценуваат дека тежела околу 4 тони.
„Годинава работевме на истражувања на северниот ѕид, на градбата со Арки. Ѕидовите не биле само камен и цигли, туку прекриени со мермерни плочи во различни бои. Декорацијата од четири метри високи ѕидови и широки метри и пол, беше падната и изгорена. Сето тоа го собравме, сега во лабораторијата се истражува, анализира, обработува. Така за градбата знаеме дека прво била оштетена од земјотрес, па период на соголување кога мермерот бил однесен и користен на други места, па запален, па затрупан долниот спрат а горниот обновен. Најдовме фрагменти од столбови, капители, дводимензионални релјефи“ – кажа Гоце Павловски археолог НУ Стоби.
Засега не кожат да кажат која е функцијата на објектот, но познато е дека долниот кат била сала за церемонии која била богато декорирана и украсена. Имала и скулптури. На горниот кат каде имало дрвена галерија, се претпоставува дека имало плакари за антички книги. Или објектот сметаат дека е хибрид на јавна сала за градски свечености и градска библиотека или Стобиски гимназиум.
Оваа година се работеше и конзервација на архитектонските остатоци од Теодосијанската палата, уште еден репрезентивен објект на локалитетот Стоби. И него го красат прекрасни мозаици. Теодосијанската палата го добива името по претпоставката дека императорот Теодосија Први престојувал во неа, при посетата на Стоби во 388 г.н.е. Во оваа фаза биле конзервирани 12 ѕидови со различна оштетеност, со што целосно се заштитени ѕидовите што формираат шест простории од југозападниот дел на палатата. Пристапот „конзервирај како што е најдено“ овозможува автентично зачувување на архитектонските остатоци.
„Следната година пролетта и почетокот на летото очекуваме дека ќе се третираат уште неколку ѕидови, по што овој најрепрезентативен резиденцијален објект во Стоби конечно ќе биде целосно конзервиран. Вклучени се и мозаичните подови на Теодосијанската палата, кои ги има во осум простории. Две се изработија во оваа етапа, две во минати етапи. Во 2023 откривме мозаик со претстава на Дионис, кој дополнително ќе се работи“ – кажа Димитар Николовски археолог од НУ Стоби.
Во овој период од годината се работеше и на населбата од југозападниот дел на локалитетот. Тоа е резиденцијален и комерцијален кварт на осум илјади м2. Целта на ова истражување е да се испита животот на обичните Стобјани, наспроти богатите јавни градби.
„Локалитетот се наоѓа на највисоката тераса од населбата, до една од двете откриени порти во населбата, Порта Хераклеа и спротива од најголемата христијанска црвка Епископската базилика. Населбата е од крајот на 6-тиот век и почетокот на 7-миот век. За да има во еден град богато декорирани објекти, треба да има некој што ги одржува, некој кој ги гради, да има кој продава во продавница, да има ковач, изработувач на керамика и стакло. Откривме 14 објекти, работиме на конзервација на два. Работиме на проекти за конзервирање на 4 објекти од рановизантиско време“ - рече Николовски.
Во текот на околу 40 работни дена 6 октомври - 25 ноември, бил конзервирани девет ѕидови, целосно по принципот „конзервирај како што е најдено“, со употреба на традиционални техники и автентични материјали.
Врзивното средство е подготвувано на терен, од локален песок, вар гасена на дрва, вулкански туф - поцолано и вода - пристап што придонесува да се задржи оригиналниот изглед и текстура на архитектонските остатоци.
