Петар Печков
Објавено: вторник, 25 ноември 2025
Од почетокот на неделава започна чистењето на брегот на езеро Младост, од тиња, мул, сува трска, шавар. Работите ги изведува механизација од АД Водостопанство. Активностите се во согласност со планот за активности и ревитализација на езерото. За почеток се чисти од кај Отовичка страна.
„Се врши механичко отстранување на наслагите од крајбрежјето. Машината е отстапена со меморандум за соработка и ќе се користи се до завршување на работите. Работите ќе се одвиваат фазно, чекор по чекор. До крајот на годинава чистиме од оваа страна, Отовичка а во јануари ако има временски услови ќе се префрлиме на другата. Се отстрануваат наслагите се до песок. Истите потоа ќе се исфрлат на соодветна локација-депонија, нема да останат тука. Во однос на наслагите кои пливаат по површината и тие ќе се вшмукуваат“ – кажа Ване Маневски директор на ЈПВ Лисиче кое е концесионер со водата од езерото и назначен од Владата за координатор во решавањето на проблемот со ревитализација на акумулацијата.
Тој потенцира дека сега започнуваат со активностите, оти имало долг процес на добивањето на потребните документи, согласно законски регулативи, технички решенија, временски минало одреден период, за сега да се започне со работите.
„Подобро е да е забавено но да завршиме, отколку да почнеме а да биде неквалитетно. Замолувам за трпение, да следите што работиме, во интерес на јавноста. Езерото е на сите. Се надевам дека до крајот на следната година ќе има видлив резултат на задоволство на сите “ – вели Маневски.
Денес е распишан и јавен повик за хидрогеолошки истражувања за изведба на бушотините по должина на пресушената Отовичка река и доколку се биде во ред тие би започнале со изведување до крајот на годината, што би значело дотур на свежа вода веќе од средината на јануари а во фаза на изработка бил проект за санација на темелниот испуст.
Овој период се чисти сувата трска, сувите исушени дрвја кои се во водата. Навраќањето на ситуација од мај 2011 година кога тогашната локална власт реши да го исчисти езерото и трската заврши со еко хаварија, оти во тој период мај до јули се мрести рибата во крајбрежјето. Овој пат надлежните велат нема да се повтори, бидејќи имале дозвола и согласност за постапување од Министерството за животна средина. За отстранување на пластите изумрени алги и трски од површината на езерото, кои во зимскиот период поради ниските температури ги снемува како лани, се најавува дека и тие ќе се решат со вшмукување, кога повторно ќе се појават.
Владата издвои 10 милиони денари, за решавање на проблемот за ревитализација на езеро Младсот. Тие се наменски, за бушотини за дотур на вода, за чистење на површината и за промена на вентилот на браната.
