Петар Печков
Објавено: вторник, 14 октомври 2025
Водата на езеро Младост според микробилошките индикатори е добра до одлична по добиените параметри, од анализите на Центарот за Јавно здравје Велес.
Примероците биле земени на 19 септември. Во однос на физичко-хемиските параметри квалитетот е 3-та класа сатурација, по присуство на амонијак и матност, додека по останатите параметри е 2-ра и прва класа.
Испитувана е водата од четирите плажи Градска плажа, кај хотел Романтик, Отовичка каде микробиолошки е добра до одлична и кај Бела вода, каде микробиолошки е добра.
Но од Центарот за јавно здравје останува истото предупредување, водата од езерото не смее да се користи за капење, полевање и рекреација. Причината е иста како и претходните наоди, по површината има пифтиеста маса, сунѓерасти наслаги. Затоа е потребно да се испита дали има цијанотоксини.
За жал и покрај тоа што ова предупредување од Центарот за јавно здравје се повторува една година, досега не е испитано дали има цијанотоксини.
ТрМр пред извесно време пишуваше дека тоа се извршува и во Белград, во тамошниот Центар за јавно здравје на Србија. Таму испитување на четири параметри за утврдување на цијанотксини, чини сто евра.
Во понеделникот заврши јавниот повик распишан од ЈВП Лисиче за механичко отстранување на наслаги и друга органска материја од акумулација Младост. Или се бараше фирма која ќе ја отстранува масата која плива по површината.