Петар Печков
Објавено: петок, 26 декември 2025
Во Ликовниот салон во Велес отворена е изложба на археолошки предмети и фотографии од најзначајните примероци од оваа збирка, која содржи архитектонски елементи, релјефи и камена пластика, сопственост на Народен музеј Велес.
„Ова е композитна изложба каде преку фотографии и археолошки предмети претставуваме дел од збирката на камени споменици на велешкиот музеј. Од 2017 година е започнат дологорочен процес на конзервација, заштита и реставрација на камените споменици. Откако речиси сите се конзервирани, сакаме пред велешката публика да ги презентираме, да се запознае јавноста со кавко богатство располагаме во одност на културното наследство. Нашата интенција е дел од овие фотографии да ги замениме со вистински со вистински споменици, како постојана музејска поставка“ – кажа авторот Анита Василкова Мидовска д-р кустос советник археолог.
Збирката на Народен музеј брои 123 споменици а на изложбата се претставени 40-тина предмети, најзначајните и најрепрезентативните. Тие се пронајдени на територијата на Повардарието, се до Гевгелија, каде на почетоците на работата Велешкиот музеј имал надлежност како Околиски музеј.
„Повардариете е значајно уште од дамнина бидeјќи бил патека по која се движеле историските прилики, се случувале настаните, каде историјата се пишувала во болдирани големи букви. Спомениците се интересни од уметничка историска гледна точка, затоа што покажуваат следење на светските трендови. Интересни се од просопографска и епигрaфска гледна точка, зтоа што сретнуваме имиња кои ги нарекуваме епихорски имиња, кои се карактеристични за ова подарчје. Тие се поврзуваат со Пајонското и Македонското кралство. Третиот факт е што имаме евидентирано камено –резбарски работилници, како таа во Мартолци од првиот век од п.н.е., која се одликува со интересни претстави на човечки фигури. Четвртиот аспект е што во овој регион, заедно со Пелагонискиот се јавува тенденција на аморфни – камени споменици и населението не дозволило освојувачите да им наметнат други, туѓи тенденции“ – дополни Василковска Мидовска.
Народен музеј Велес како прв повоен е формиран на 24.03.1946 година, по иницијатива на Гимназискиот професор Ѓорѓи Милошев – подоцна поглавар на МПЦ-ОА г.г. Гаврил. Поради тоа бил сместен во просториите на Гимназијата „Кочо Рацин“. Првата музејска постановка на Градскиот народен музеј, била отворена на 26.05.1946 година.
Професорот Ѓорѓи Милошев собрал повеќе камени споменици, за кои не се знае што се, од каде потекнуваат, а се дел од примероците со кои располага Народен музеј Велес. Таа ќе биде достапна за посетителите во текот на јануари и февруари 2026 година и претставува вовед на големиот јубилеј на оваа институција 80-години музејска дејност во Велес.
